Извршниот одбор на ЛК оствари средба со претставници на ФЗО
Претседателот на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова и членовите на Извршниот одбор на Лекарската комора д-р Лилија Чолакова Дервишова, д-р Дафина Караџова, д-р Кадри Хаџихамза, д-р Тодор Кичуков, д-р Мевљудин Куч, д-р Илбер Бесими, д-р Дениел Поповски, д-р Илир Шурлани и д-р Џабир Бајрами денес реализираа средба со директорката на Фондот за здравствено осигурување, м-р Магдалена Филиповска Грашкоска и претставници на стручната служба на Фондот.
Во фокусот на средбата беа проблемите со кои матичните лекари подолго време се соочуваат во секојдневната пракса и кои создаваат отежнати услови за третман на пациентите. Посебен акцент беше ставен на потребата да се најде решение за реално вреднување на трудот на матичните лекари, односно зголемување на капитацијата, бидејќи без тоа не може да се постигне одржливост на здравствениот систем и вклучување на младите лекари во овој сегмент. Исто така, беше потенцирано дека висината на капитацискиот бод не е променета од 2018 година и покрај тоа што се генерираа зголемени трошоци заради пандемијата, а се разговараше и за начинот на запишување на матичните пациенти, при што беше укажано дека треба да се создаде можност кога матичните лекари кои се закупци, односно концесионери во здравствените домови одат во пензија, нивните матични пациенти да може по автоматизам да ги преземе другиот лекар која работи во ординцијата. Со тоа значително ќе се олесни и поедностави процедурата која сега е на сила, а која бара ординацијата да биде затворена, а пациентите еден по еден да бидат одново запишани кај матичен лекар.
На состанокот се дискутираше и околу реализацијата на превентивните цели, за кои беше побарано да бидат одложени се додека има зголемен број на заболени од ковид 19, односно додека не се создадат безбедни услови за нивно извршување, бидејќи во спротивно се зголемува ризикот за ширење на вирусот.
Лекарите го отворија и прашањето за скалестото исплаќање на капитацискиот бод, кое предвидува откако ќе се достигне одредена бројка на матични пациенти, вредноста на бодот да се намалува. Лекарите појаснија дека овој начин на пресметка делува дестимулирачки поради што побараа негова промена.
Претставниците на Комората ја истакнаа и потребата да се даде времена лиценца со факсимил на постарите специјализанти, кој ќе може да го употребуваат во здравствената установа каде се извршуваат турнусите на специјализацијата.
Состанокот се одвиваше во конструктивна атмосфера и заеднички се утврди потреба од изнаоѓање на решенија прифатливи за сите засегнати страни. Претставниците на Фондот за здравствено осигурување изразија согласнот да ги разгледаат сите адресирани прашања и потоа повторно да се разговара за можните решенија. За зголемување на вредноста на капитациониот бод од Фондот информираа дека се прават пресметки кои треба да покажуваат колкава корекција може да биде направена без да се предизвика финансиска нестабилност на здравствениот систем, кој е оптоварен и поради зголемените трошоци на здравствените установи за електрична енергија.