Лекарската комора одбележува 30-годишен јубилеј
Лекарската комора денес слави 30 години од нејзиното формирање како самостојна и професионална организација на докторите во Република Северна Македонија. Формирана е во 1992 година на иницијатива на неколку доктори од Македонското лекарско друштво. Првата конститутивна седница на Собранието на Kомората е одржана во просториите на Воената болницата во Скопје, каде по воведниот збор на проф. д-р Јован Тофовски и поздравниот говор на Претседателот на Република Македонија Киро Глигоров, делегатите ги усвоиле Статутот на Комората и Кодексот на медицинска деонтологија и биле избрани органите и телата на Комората.
За претседател е избран проф. д-р Алексеј Дума, а први членови на Извршниот обор на Лекарската комора беа д-р Драган Филиповиќ, д-р Васко Василевски, д-р Драгољуб Велевски, д-р Бранко Глумов, д-р Никола Зисовски, д-р Коста Секуловски, д-р Спасе Јовковски, д-р Јован Тодоров, д-р Павел Сотировски, д-р Светозар Стојанов, д-р Ленче Пуздерлиска и д-р Живко Попов.
Во изминатите години со активен придонес на своите членови Комората се издигна во докторска организација етаблирана на домашен и меѓународен план, активен партнер во креирањетo на здравствените политики, со свои јасни цели и јасна програма насочена кон промоција и унапредување на правата и професионалните интереси на лекарите во државата, а со тоа и на целокупниот здравствен систем.
Во иднина најважно е да продолжиме по патот кој веќе е трасиран, заедно, сплотени, со интегриран пристап да создаваме подобри услови за развивање на нашата струка и здравствената дејност.
Во Лекарската комора на Македонија во почетокот членувале доктори по медицина и доктори по стоматологија. Во 1995 година стоматолозите се издвојуваат и формираат нова Стоматолошка комора.
Лекарската комора на Македонија е наследник на лекарската комора која постоела на овие простори во третата деценија на минатиот век во тогашното кралство Југославија. Седиштето на комората која ја покривала тогашната вардарска бановина било во Скопје. Во комората членувале сите доктори и стоматолози, што било обврска за да можат да ординираат.