31.03.2022
31.03.2022
Крводарителска акција по повод Светскиот ден на здравјето
Проф. д-р Гривчева Старделова: Да донираме крв барем еднаш годишно, со наше донирање спасуваме живот
Претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова денес даруваше крв во крводарителската акција која се организира од Министерството за здравство и Институтот за трансфузиона медицина, во пресрет на Светскиот ден на здравјето - 7 Април во просториите на Чифте Амам, во Стара чаршија.
Доволни резерви на крв и крвни компоненти се критичен аспект на здравствената нега и јавното здравје. Тие спасуваат милиони животи и го подобруваат здравјето и квалитетот на животот на многу пациенти. Потребата за крв е универзална, но достапноста до крв на сите оние на кои им е потребна некогаш е ограничен.
„Доброволното дарување крв е најблагороден чин на дејствување и претставува одраз на највисоки етички и хумани вредности во едно општество. Лекарите, согласно нивната професионална обврска се на првата линија на спасување на човечки животи без разлика дали тоа се случува во услови на пандемија или во рамките на редовниот одговор на потребата за здравствена заштита. Лекарите се на истата позиција и денес, да ги дополнат националните резерви на крв, јавно да презентираат позитивен однос кон крводарувањето и да ги мотивираат другите луѓе да станат активни крводарители. Да даруваме крв барем еднаш годишно, затоа што со секое наше дарување спасуваме живот“, порача Гривчева-Стаределова.
Во денешната акција учествуваа и голем број на доктори вработени во здравствените установи во Скопје.
Кампањите се важни за да се подигне глобалната свест за потребата од безбедна крв и крвни производи за трансфузија и за критичниот придонес за доброволни, неплатени крводарители во националните здравствени системи. Лекарската комора секогаш дава поддршка на крводарителските акции кои ги организираат другите институции, но и се јавува како организатор по различни поводи.