Поддршка за барањата на матичните лекари
Претседателот на ЛК со матичните лекари на средба во Министерството за здравство
Претседателот на Лекарска комора на Република Северна Македонија проф. д-р Калина Гривчева Старделова заедно со претседателката на ЗПЛРМ, д-р Лилија Чолакова Дервишова, денес остварија средба со Министерот за здравство д-р Беким Сали и заменик-министерот за здравство доц. д-р Владимир Рендевски на која се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат матичните лекари од примарното здравство.
Претставниците на матичните лекари, Комората и Министерството дискутираа за потребата неодложно да се идентификуваат и спроведат решенија кои ќе ја зајакнат примарната здравствена заштита, како еден од основните столбови на здравствениот систем во нашата земја со цел да се подигне квалитетот на здравствена заштита и воедно овој сектор да стане поатрактивен за младите доктори.
Лекарската комора препознавајќи ја важноста на улогата на матичниот доктор во континуитет се залага за унапредување на неговата улога и создавање на подобра околина за негово делување. Во изминатите години на иницијатива и во организација на Комората одржани се низа состаноци со Министерството за здравство и со Фондот за здравствено осигурување на кои се истакнати видувањата на докторите околу тоа што е неопходно да се направи во примарното здравство.
Претседателот на Лекарска комора на денешниот состанок даде поддршка на барањата на колегите од примарната здравствена заштита, бидејќи сериозноста на ситуацијата е голема и потребно е брзо изнаоѓање на решение прифатливо за сите засегнати страни.