Заедничка работилница на Лекарска комора и Здружение на новинари
Eтиката на професиите во услови на пандемија
Лекарската комора и Здружението на новинари организираа работилница на тема „Ковид-19 како предизвик за етиката на професиите “, на која лекарите и новинарите дискутираа околу предизвиците со кои се соочуваат за време на пандемија. Оваа работилница следува по потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу двете организации, со кој се подигнува нивото на комуникација меѓу лекарите и новинарите и се продлабочува нивната соработка со цел јавноста да биде навремено и објективно информирана што е особено важно за да се подигне и квалитетот на здравствената заштита.
Во име на Лекарска комора поздравно обраќање имаше заменик претседателот д-р Илбер Бесими, а од Здружението на новинари, претседателот Младен Чадиковски. Пред присутните се обрати и проф. д-р Калина Гривчева Старделова, Претседател на Лекарската комора на Северна Македонија.
Ставовите на докторите и предизвиците со кои тие се соочуваат за време на пандемија како и важноста на медиумите ги презентираа д-р Никола Граматиковски на тема „Лекарска етика: Можности, предизвици и улога на медиумите“ и проф. д-р Билјана Јанеска на тема „Етиката во услови на пандемија: Третман и известување“.
“Медицинска етика не е ексклузивно право на докторите, правниците или филозофите бидејќи ги засега сите затоа што се однесува на правото на живот и на здравје. Централно место во медицинската етика има соочувањето на аргументите, преку нивната борба да ја испровоцираат јавноста за да излеземе од строгите правила на конвенционалната практика и размислување“, истакна д-р Граматиковски.
Проф. д-р Јанеска истакна дека новиот вирус Ковид-19 создаде притисок врз јавното здравство, затоа е неопходно јавноста брзо да се информира, да научи и да формира став како да се однесува на новонастанатите услови.
„Потребни се и аналитички и едукативни натписи, како и на продлабочени, синтетски студии за проценка на начинот на лекување. Во јавноста има и недостаток на изјави и мислења на експерти кои се директно вклучени во лекувањето на пациентите со Ковид -19“, изјави проф. д-р Јанеска.
Во име на новинарите зборуваа Менче Атанасова Точи на тема „Кодекс на новинари: Предизвици во услови на пандемија“ и Ирена Мулачка на тема „Транспарентноста како предуслов за објективно информирање на граѓаните“.
„Лекарите ги слушнаа предизвиците и тешкотиите со кои се соочуваат новинарите кои ја следат состојбата со пандемијата овие две години. Новинарите ги слушнаа ставовите на лекарите и се согласивме како треба да се премостат недостaтоците. Ова доаѓа во исто време кога се отвора можност за полесна достапност до официјални информации од Комисијата за заразни болести и се разбира од лекарите кои се најмногу инволвирани во процесот на справување со пандемијата и лекување. Така што, понатаму ќе биде многу повеќе олеснет пристапот, полесно ќе се објавуваат навремени и објективни информации поткрепени од официјални извори“, потенцираше Атанасова Точи.
Ирена Мулачка истакна дека страшната пандемија на површина ги извади сите недостатоцина здравствениот систем, недостигот на лекари и медицински персонал во сите болници.
„Кога започна пандемијата прво беше кажано дека новинарите не треба да креваат паника, но тоа не значи дека новинарите не треба да кажат точно и објективно тоа што се случува низ здравствените лавиринти. Здравствените власти беа транспарентни само до таму до каде што на нив им одговара, а многу прашања останаа неодговорени“, истакна Мулачка.