VOX MEDICI Разговор со проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска комора на РСМ
Лекарската комора се издигна на домашен и на меѓународен план, се отвори за комуникација со своите членови
Лекарската комората е посветена на отворена комуникација со своите членови, координирање и артикулирање на нивните потреби и соодветно застапување пред надлежните институции, вели претседателот на Лекарската комора на РСМ, проф. д-р Калина Гривчева Старделова во интервју за „Vox Medici“. Со проф. д-р Гривчева Старделова разговараме за Симпозиумот ЗЕВА, за приемот во Постојниот комитет на европски лекари, како и за активностите кои се преземаа за поддршка на лекарите во услови на пандемија на ковид 19.
Лекарската комора на РСМ повторно е домаќин на симпозиумот ЗЕВА кој се одржува секоја година и на кој учествуваат највисоките претставници на лекарскитекомори од земјите на Централна и Источна Европа. Што е во фокусот на ЗЕВА оваа година?
Симпозиумот ЗЕВА е меѓународен собир на највисоките претставници на професионалните коморски асоцијации од Централна и Источна Европа и претставува настан од висока важност и значење, затоа што учесниците наодредени актуелни теми директно разменуваат искуства и мислења и заземат заеднички став и план за активности во рамките на својот делокруг. Поради пандемијата втора година по ред го организираме симпозиумот ЗЕВА, што е голема чест, но о ваа година Симпозиумот е организиран во хибридна форма согласно протоколите за заштита од ширење на корона вирусот. Во фокус на состанокот е дискусија за разгледување на улогата на коморските организации во услови на пандемија и согледување на нови можности и нови перспективи за делување во насока на заштита на лекарската професија и унапредување на здравствените услуги.
Оваа соработка со колегите од регионот е особено важна бидејќи отвора нови перспективи, учиме едни од други како да ја унапредиме заштитата на лекарите, да го подигнеме нивниот статус во општеството, но и да го подобриме квалитетот на здравствениот систем и здравствените услуги кои ги пружаме. Иако сите ние работиме во различни држави и услови, сепак проблемите со кои се соочуваме најчесто имаат некоја заедничка нишка. Пандемијата нè исправи пред многу големи предизвици, нас лекарите, здравствениот систем, но и целото општество. Размената на искуство со колегите од регионот и пошироко е од непроценливо значење, дополнително што тоа дава и поддршка да се издржи и кога е најтешко.
Вие, како претседател, успеавте да ја внесете Лекарската комора и во Постојниот комитетот на европски лекари (CPME), откако имаше неуспешен обид од претходните раководства на Комората . Какво значење има оваа соработка и колку таа дава поддршка во делувањето и остварувањето на поставените цели?
Во последните четири години Лекарската комора имаше значаен напредок во однос на активностите на меѓународен план, издигнувајќи се на исто ниво со лекарските комори и асоцијации од регионот, но и во европски рамки. Постојаниот комитет на европски лекари (CPME - The Standing Committee of European Doctors) е организација која ги застапува своите членови пред институциите на ЕУ, обезбедува експертиза на највисоко ниво и во тесна соработка со Европската комисија учествува во креирањето на европски политики за прашања поврзани со здравството и здравствената заштита. Со нашето членство во ова тело практично ја формализираме и продлабочивме соработката со колегите од ЕУ, активно сме вклучени и даваме директен придонес во креирањето на ставовите на Постојаниот комитет. Ова е потврда дека експертизата на нашите доктори е на највисоко ниво и дека Лекарката комора, како асоцијација која ги обединува сите доктори по медицина во земјава, има капацитети да се вклучи во креирањето на високите здравствени политики, односно дека активностите на Комората и нејзиното делување се меѓународно препознаени и потврдени.
Лекарската комора во периодот на криза континуирано повикуваше на потребата од заедничко дејствување на здравствените професионалци и институциите за намалување на здравствените последици од кризата. Кои беа активностите коишто ги презедовте?
Секој проблем или предизвик полесно се надминува доколку му се пристапи инклузивно, со вклучување и обединување на сите засегнати страни. Кризата токму тоа го бараше од нас и може да кажеме дека здравствените работници во најголем дел си пружаат меѓусебна поддршка за надминување на состојбите со кои секојдневно се соочувавме. Лекарската комора, согласно своите надлежности и можности, на различни начини се обидува да помогне во надминување на предизвиците. Во неколку случаи обезбедивме заштитна медицинска опрема за персоналот во ковид центрите, препознавајќи го тоа како приоритет во однос на други планирани коморски активности, а во соработка со Институтот за јавно здравје и Светската здравствена организација организиравме и обуки за нејзино правилно и рационално користење. Исто така, организиравме серија онлајн дискусии на теми поврзани со превенција и третман на ковид 19 на кои лекарите од сите нивоа на здравствениот систем разменуваа најнови сознанија и искуства. Поради големиот интерес на колегите, Лекарската комора овие дискусии ги продолжува и во понатамошниот период, а исто така упативме барање и до стручните здруженија кои единствено се релевантни да дадат соодветни препораки и упатства за сите прашања поврзани со превенција и третман на ковид 19 да организираат вакви активности. Сакајќи јавно да ја истакнеме важноста на здравствените професионалци кои неброени ноќи и денови поминуваа облечени во заштитна опрема и маски под кои тешко се дише, доделивме и благодарници за посебен придонес во справувањето со пандемијата на сите наши членови, бидејќи сите активни лекари на директен или индиректен начин беа и сè уште се засегнати од пандемијата и даваат свој придонес во одржувањето на здравствениот систем. Никој не треба да има дилема за тоа дека здравствените работници во земјава работат професионално и храбро и посветено се борат за спасување на животот на пациентите, ризикувајќи го сопствениот живот, но и животот на блиските. Во однос на младите лекари кои се особено потребни и значајни за нашиот здравствен систем, обезбедивме услови за полагање на стручниот испит, во простор каде може да се запазат протоколите за безбедност и заштита, се со цел да не се наруши процесот на продукција на кадар. Иако се работеше во посебни и ограничувачки услови, сепак не дозволивме да се наруши ни континуитетот на редовните активности на Комората, односно целосно се постапуваше согласно законските надлежности, телата и органите на Комората постојано работеа, а без застој течеа и сите процеси поврзани со лиценцирањето на докторите по медицина, стручниот надзор, полагањето стручен испит.
Во лекувањето на пациентите со ковид 19 бевте вклучени во координација на интерните клиники. Кој беше најголем предизвик со кој се соочивте?
Во услови кога имаше поголем наплив на пациенти интерните клиники беа ставени во функција на ковид центри каде се згрижуваа пациентите во потешка форма на болест кои бараа болничко лекување. Зачудувачки и загрижувачки беше сето тоа што го гледаме, тешки компликации, дури и неколку месеци по прележана болест, млади пациенти кои се борат за живот. Се бараше кревет повеќе за да се згрижат уште пациенти, а координацијата на телефон како никогаш да не завршуваше, постојано се појавуваше некоја нова ситуација за решавање. И во тие моменти немате време да мислите на тоа што е потешко за решавање, едноставно се трудите со ресурси кои ви се на располагање да обезбедите помош и медицинска услуга за што повеќе пациенти. Исклучително сум благодарна на колегите од интерните клиники, од Општата градска болница „8 Септември“ и од Клиниката за инфективни блести, како и од сите ковид центри во земјава со кои ги делиме истите сфаќања за предизвикот на лекарската професија во кој грижата за пациентите е на прво место.
Во време на криза, кога проблемите во здравствениот систем дојдоа до израз, се зголеми и насилството врз здравствените професионалци. Успеавте да се изборите за измени на Кривичниот закон со кои нападот врз докторите ќе се смета за напад врз службено лице, што тоа точно значи и кои други активности се преземаат?
Насилството врз лекарите е присутно секаде во светот, бидејќи здравствените професионалци се лицето на здравствениот систем и тие се оние кои ги соопштуваат лошите вести. Во светски рамки, многу истражувања покажале дека лекарските грешки најчесто не настануваат поради несовесно постапување на лекарите, туку поради пропусти во здравствениот систем. Затоа, лекарските грешки треба да се пријавуваат за да може проблемите да се идентификуваат и отстранат, а со тоа и да не се повторуваат. Лекарската комора и јас, како нејзин претседател, секогаш силно го застапуваме ставот дека здравствените професионалци и пациентите се на истата страна, бидејќи ги спојува истата цел - излекување на заболувањето. Само со заедничка соработка може да се дојде до постигнување на она што заеднички го посакуваме. Примената на насилство нема да донесе ништо добро, напротив само ќе ги влоши состојбите и ќе нè оддалечи од заедничката цел. Од друга страна, до пред неколку години голем акцент се ставаше на истакнување на правата на пациентите, без реално да им се каже дека лекарите не се виновни што не може секогаш да ја добијат здравствената услуга којашто им е потребна. Последиците од тие активности сè уште се чувствуваат. Поради изразениот и повторувачки проблем, а водени од тоа дека здравствените работници мора да бидат безбедни на работните места, сметаме дека со измени на Кривичниот закон, за што подолго време се залагавме и лобиравме, напад на здравствените работници ќе се смета за напад врз службено лице и за тоа ќе следува соодветна кривична пријава и санкција. Веруваме дека ова ќе придонесе во обесхрабрување на избор на насилството како начин на дејствување и затоа апелираме овие законски измени што побрзо да се усвојат во законодавниот дом. Она што е еднакво важно да се нагласи е дека Комората ја зацврсти соработката со надлежните институции во делот на давање на приоритет на случаите на напад на лекар и ја истакнуваме потребата лекарите без исклучок да ги пријавуваат овие случаи, кои будно ќе ги следиме и ќе понудиме поддршка онаму каде што е потребно. Само лекар кој сечувствува безбеден на своето работно место може да работи без притисок и целосно да ги вложи своите капацитети во лекување на пациентите. Исто така, ја активираме и соработката со здруженијата на пациенти, со цел преку заеднички настани и активности да ја срушиме бариерата која некогаш се јавува во комуникацијата со здравствените професионалци. Планираме и обуки кои ќе им помогнат на здравствените професионалци во справување со чувствителни ситуации со цел да се избегне настанување на конфликт.
Едно од прашањата кои се дискутираат во јавноста е дополнителната дејност за која има најава дека ќе биде поинаку уредена. Каков е вашиот став во врска со ова прашање - може ли да се одбере модел од кој ќе бидат задоволни и пациентите и докторите, дали сме на пат да постигнеме такво нешто?
Да се стане лекар бара голема посветеност, труд и инвестиција во своето професионално знаење и способност. Тоа се особини кои докторите ги стекнуваат во долгогодишниот процес на нивна наобразба, усовршување и надградба. Навистина би било дискриминирачки и неправедно доколку тие овие свои вештини не може да ги практикуваат секогаш кога за тоа ќе им се укаже можност. Во таа насока нашата заложба е да се воспостави систем во кој лекарот ќе има можност доколку сака да може да работи дополнително, покрај она што значи редовно работно време, во матичната установа каде е вработен или на некое друго место. Така, докторите ќе бидат стимулирани да работат повеќе, дополнителниот приход ќе значи и мотив да не заминуваат во странство, туку да останат во земјата, а од друга страна пациентите ќе добијат подостапни здравствени услуги кои од Скопје и поголемите градови ќе може да се дисперзираат и во помалите населени места, согласно условите во здравствените установи кои таму постојат. Се разбира, доколку тоа биде евидентирано и регистрирано преку соодветен систем ќе може да се спречат и евентуални злоупотреби, што е многу важен аспект. Во рамките на регулирање на ова прашање ЛК даде свои видувања и забелешки кои очекуваме да бидат вградени во конечното законско решение.
Вашиот мандат како претседател на ЛК е во изминување. Може да ни кажете што е тоа што Ве прави посебно горди и кои се плановите за понатамошните активности доколку повторно ја добиете довербата од колегите?
Покрај она за што веќе зборувавме, како организирањето на ЗЕВА и членството во Постојаниот комитет на европски лекари, особено значајно е и тоа што во изминатиот период Лекарската комора повторно ја воспостави комуникацијата со надлежните институции и направи чекор напред во вклученоста при креирањето на здравствените политики, како единствен начин за постигнување на одржливи решенија кои ќе значат унапредување на положбата на лекарите во системот. Воспоставивме континуирана соработка со Министерството за здравство и Комисијата за здравство во Собранието на РСМ и се вклучивме во подготовката на нови законски решенија, а во соработка со Фондот за здравствено осигурување влијаевме на казнената политика и промена на договорните услови на матичните лекари. Така, учествуваме во измени на Законот за здравствена заштита, со кои на младите колеги им се овозможија подобри услови за специјализација, со тоа што се скрати времето кое треба да го одработат по завршување на специјализацијата и се намали висината на средствата што треба да се надоместат ако предвреме се напушти установата. Приватните специјализанти се ангажираат со соодветен договор и добиваат паричен надоместок за својата работа. Лекарите кои се во пензија се овозможи легално да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници. Се овозможи и директорите на установите да дежураат, со цел кадрите со големо искуство да ги стават целосно на располагање своите капацитети за пружање на здравствена заштита. Во преговорите со Фондот за здравство соработувавме со Здружението на приватни лекари и издејствувавме донесување на одлука за зголемување на капитацискиот бод на матичните лекари, а извршивме и влијание за повлекување на решенија поврзани со казнени постапки.
Комората е посветена на тоа да постигне што подобра комуникација со своите членови, координирање и артикулирање на нивните проблеми и соодветно застапување пред надлежните институции. Во претстојниот период за нас приоритет е донесување на Законот за докторска дејност на кој, иако подолго време работиме, сè уште има отворени прашања кои треба да се допрецизираат.