Лекарска комора домаќин на 28-от ЗЕВА Симпозиум
Лекарска комора на Република Северна Македонија беше домаќин на 28 - от ЗЕВА Симпозиум, меѓународен собир од висока важност и значење на кој учествуваа највисоките претставници на лекарските комори и здруженија од 17 земји од Централна и Источна Европа. Главна тема на настанот беше „Медицински комори и Ковид-19 во 2021 година: Промена на задачите и нови перспективи “ .
Претседателот на Лекарката комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова во своето воведно обраќање истакна дека нашата комора ја има честа симпозиумот да го организира втора година по ред и даде осврт на активностите кои Комората ги организираше во насока на намалување на негативните последици од пандемијата.
„ Комората во текот на 2020 и 2021 година го одржа континуитетот на редовна работа , иако постоеја отежнати околности. Значајно е и тоа што се обезбедија услови за полагање на стручниот испит, така во 2021 година, кога поради големиот наплив на пациентите со Ковид -19 беше потребен лекар повеќе, 309 млади лекари успешно го положија испитот и се стекнаа со лиценца за работа. Активно се одвиваше и комуникацијата со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство , решавајќи ги тековните проблеми и предизвици, но и заземајќи се за системско воспоставување на подобри услови за работа на докторите. Особено сме горди на членството во Постојниот комитетот на европски лекари ( CPME ) , со што се потврдува нашата релевантност и стручност во однос на колегите од земјите од ЕУ. Јасно е дека справување со Ковид -19 ќе биде нашата цел и во 2022 година , а во таа насока сметам дека треба да организираме заеднички пристап во справувањето со активакцерските движења, особено оние кои доаѓаат од докторката фела“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Поздравно обраќање имаше и министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче кој нагласи дека процесот на вакцинација дава надеж дека состојбата може да се подобри.
„Пандемијата покажа дека здравствениот систем е еден од клучните столбови на општеството. Важно е да се има мултисекторски пристап во справување со пандемијата, како да се демонстрира соработка и солидарност, сите земји ширум светот да разменуваат информации и искуства“, истакна доц. д-р Филипче.
Настанот беше од хибриден вид, дел од учесниците беа со физичко присуство, а дел беа вклучени преку платформите за видео комуникација.
Д-р Горан Павиќ од Федералната лекарската комора на Босна и Херцеговина истакна дека пандемијата има силно негативно влијание врз здравствениот систем, економијата, општата смртност, менталното здравје и воопшто врз сите сфери на општествено живеење.
„ Здравствените системи се преоптоварени, а здравствените работници се ранлива група, голем број од нив починаа од Ковид -19. Масовната вакцинација е единствениот начин за справување со пандемијата. Затоа патување преку меѓународни граници треба да биде само со „ ковид - пасош“, влегување во затворени објекти исто така. Државите треба да направат напори да обезбедат вакцини и да организираат масовна вакцинација бидејќи само така ќе се направи епидемиолошки бариери и ќе ја намали смртноста од вирусот“, истакна д-р Павиќ.
За состојбите во своите држави реферираа претставниците од сите членки на ЗЕВА Симпозиумот, а свое обраќање имаше и Анабел Сибом генерален секретар на Постојниот комитетот на европски лекари (CPME ).