По повод Денот на основањето на Комората, благодарници за сите лекари за значаен придонес во справување со пандемијата
По повод 5 Јуни, Денот на основањето на Комората, Лекарската комора на РСМ донесе одлука за доделување на благодарници на сите доктори на медицина кои активно се вклучени во здравствениот систем и дадоа голем и значаен придонес во борбата за справување со пандемијата.
„Во периодот кој беше исклучително тежок и предизвикувачки, Вие докторите од сите специјалности, сите установи и сите нивоа на здравствениот систем дадовте вонредни напори, работевте храбро, искрено, несебично и професионално, со постојаното настојување да дејствувате во насока на спасување на животот на пациентите, ризикувајќи го сопствениот живот, но и животот на блиските. Лекарската комора изразува длабока почит и благодарност до Вас за Вашата совесна работа, колективен дух, посветеност и хумана работа. Горди сме на придонесот кој секојдневно го давате и без кој немаше да може да се одржи здравствениот систем во пандемиски услови“, истакна претседателот на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
Денеска проф. д-р Гривчева Старделова ја посети Градската општа болница „8 Септември“, каде во име на вработените во оваа болница која беше ковид-центар во кој се лекуваа најголем број од ковид-пациентите во Скопје, благодарниците ги примија директорот на болницата д-р Христијан Костов, раководителот на Одделот за ковид-интензивна нега д-р Даниела Буклиоска Илиевска и раководител на Одделот за инфективни заболувања д-р Маја Василева Дугановска. Присутните разменија искуства во врска со исклучително тешкиот период кој помина и изразија надеж дека нема да се повтори притисокот со кој се соочи здравствениот систем поради пандемискиот вирус.
Претседателот на Лекарската комора го посети и Баталјонот за воено медицинска поддршка, кој даде значаен придонес во справувањето со здравствената криза преку ангажирање во ковид центрите на Интерните клиники при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. На средбата меѓу претставниците на Лекарската комора и командантот на баталјонот за воено медицинска поддршка, потполковник д-р Елизабета Наумовска Петрески, се споделија позитивни искуства од заедничката соработка во изминатиот период.
Благодарниците се испратени до сите членови на ЛКРСМ со активна лиценца за работа, односно до здравствените установи каде се вработени или на домашна адреса, зависно од расположливите податоци во Регистарот на лекари. Ги молиме колегите кои не добиле Благодарница поради неажурирани податоци во Регистарот да нè контактираат на register@lkm.org.mk или на lkm@lkm.org.mk.