11.02.2021
11.02.2021
Лекарската комора, Фармацевската комора и Стоматолошката комора со заедничка поддршка за афирмација на вакцинацијата
Вакцинирањето е најдобар, најефикасен и најбезбеден начин за сузбивање на пандемијата и секој во рамките на своите можности и надлежности треба да даде поддршка и афирмација на овој процес, заклучија на денешната средба највисоките претставници на релевантните стручни здруженија, Лекарската комора, Фармацевската комора и Стоматолошката комора.
На настанот учествуваа и претседателката на комисијата за имунизација, како и претставници од "Мој термин" и од Здружението на матични лекари ЗПЛРМ, кои дадоа значаен придонес во дискусијата, акцентирајќи го значењето на примарната здравствена заштита во процесот.
На заедничкиот состанок се дискутираше и за актуелната состојба со пандемијата, протоколите за вакцинирање, како и за важноста информациите кои се пласираат во јавноста да бидат од релевантни извори, како би можело да се превенира ширење на непроверени факти кои ќе направат голема штета.
Во дискусијата беше истакната и важноста на воспоставување на целосен систем за електронско издавање на рецепти и упати, прашање кое ќе се атрибуира до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Трите комори во рамките на меморандумот за соработка кој веќе го имаат потпишано во наредниот период ќе преземат и конкретни мерки и активности за промоција на вакцинирањето за што дополнително ќе се споделат информации.