Лекарската комора на Македонија одбележа 27 години од основањето
“Како самостојна и професионална организација на докторите по медицина во Лекарската комора се обединети околу 9.000 доктори од различни специјалности. Во изминатиов период Комората настојуваше и настојува да се наметна како партнер во општеството и во креирањето на здравствените политики. Некогаш со повеќе, некогаш со помалку успех. Со многу енергија, залагања и знаење неспорно е дека Комората многу направи. За тоа, се разбира, треба да им се оддаде признание на сите оние кои во изминативе 27 години ја водеа Лекарската комора, кои беа вклучени во нејзините органи и тела, во реализацијата на коморските активности. Меѓутоа, недвојбено е дека пред Лекарската комора на Македонија, односно пред докторите се отворени уште многу предизвици кои треба да се реализираат за таа да стане она што сите ние посакуваме.”, истакна претседателката на Лекарската комора на Македонија, доц. д-р Калина Гривчева Старделова на Свечениот собир по повод 5 Јуни - Денот на Kомората, што на 6 јуни се одржа во конференциската сала во на хотелот “Меркур” во Тетово.
Во присуство на голем број гости, меѓу кои и претставници на министерствата, на универзитетите, на медицинските факултети, професионални асоцијации и здруженија, претседателката Гривчева Старделова, истакна дека во изминативе 27 години од (ре)основањето, Лекарската комора„ се втемели како самостојна, професионална организација на докторите и се наметна како вистински партнер во општеството и стана почитувана и компетентна професионална асоцијација со јавни овластувања.”
“Како претседател на Комората дозволете да Ве информирам дека долгогодишната заложба за посебен закон за лекарска дејност конечно вроди со плод. Нашата иницијатива е прифатена од Министерството за здравство и текстот на ова законско решение е во јавна расправа. Поточно, согласно зацртаната процедура е поставен на ЕНЕР на кој може да се дадат коментари, предлози и сугестии за да се подобрат понудените решенија. Со Законот за лекарска дејност се уредуваат условите и начинот на вршење на лекарската дејност во целина, вклучително и спецификите на оваа професија, правата и должностите на докторите на медицина во вршењето на лекарската дејност и условите и начинот на вршењето на јавните овластувања на Комората. Предложените решенија треба да ја достигнат крајната цел, а тоа е унапредување на регулативата со која се определува статусот на лекарите во однос на професијата што ја вршат и нивните права и должности во вршењето на професијата. Со ова започнува процедурата за донесување на законот за лекарска дејност”, истакна Гривчева Старделова.
Лекарската комора, според претседателката, активно е вклучена и во подготовките на донесување на новиот Закон за здравствена заштита, во измени и корекции во системот “Мој термин”, во измените во правото за дополнителна дејност за докторите, создавање на единствена мрежа на здравствени установи и единствен здравствен електронски картон.... Taa истакна дека Комората се залага и за промена во концептот на избор на лекар, односно потребата пациентите да избираат матична установа, за неопходноста за нов систем на специјализации.
.“Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора на Македонија согласно Меморандумот за соработка и натаму својата активност ја насочуваа кон поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес. Преку претставник на Комората во Управниот одбор на ФЗОМ. активностите на Комората беа насочени и кон преговори за актуелни проблеми со кои се соочуваат докторите во работењето, како и договори во врска со анекс - договорите за плаќање на здравствените услуги.
Комората оствари работни средби и со пратениците - доктори членови на Комисијата за здравство во Собранието на Р. Македонија работи и на законските решенија, на Законот за лекарска дејност, како и на другите отворени прашања од здравствениот сектор кои бараат брзо решавање. На ваков начин истапуваме со единствени предлози и барања кои се од интерес на докторската професија, без разлика на нивната идеолошка или политичка припадност, и ќе се направи исчекор во напорите да се задржат младите доктори да не заминуваат во странство и да се решат клучните системски прашања со кои се соочува системот.
Во рамките на програмските активности во минатата година беа организирани девет испитни сесии за полагање на стручен испит со доктори кои за прв пат се стекнале со лиценца за работа, вонредни стручни надзори, а акредитирани се и голем број стручни активности.
“Ми претставува големо задоволство што Лекарската комора го препозна проблемот и ги поддржа младите колеги кои се на специјализација во барањето на решение на нивниот незавиден статус”, истакна Гривчева Старделова потенцирајќи дека Лекарската комора останува отворена за идеи, мислења, предлози и за соработка и дека во неа сите ние, како припадници на докторската професија, наоѓаме или треба да најдеме место каде што ќе ги артикулираме нашите заложби и барања. Се разбира, водејќи сметка и за општите интереси...
“Mи преставува голема чест што сум дел од екипата која со нејзината работа ја воздигна улогата на Комората во креирање на здравствените политика во соработка со Собранието, Министерството за здравството и ФЗОМ, се воспоставија врски со лекарите низ цела држава, за да се слушнат сите проблеми и потешкотии на кои наидуваат нашите колеги. Како што можевте сите да се запознаете дека особени сме горди на внесувањето во процедура на Законот за лекарска дејност, кој е голем чекор во заземањето на заслуженото место во општество, да бидеме свесни дека тоа не е магичен еликсир кои во час ќе ги решат сите наши потешкотии и насобрани проблеми, но свесни сме дека и најдолгиот пат започнува со првиот чекор, а тој чекор се направи сега сите ние како фела, како еснаф треба да се вклучиме во подобрување на овој предлог закон. Се надевам дека ние како фела ќе се вклучиме во подобрување на нашиот здравствен систем заедно со сите чинители на нашиот систем во создавање на легислатива, услови и можности за сите нас, а посебно за нашите млади доктори, се надеваме дека сите овие наши активности ќе придонесат во намалување на одливот на нашите млади колеги со цел да сочуваме функционален и квалитетен здравствен систем”, истакна во своето обраќање Заменик на претседателот на Комората, д-р Илбер Бесими.
Традиционално, на Денот на Комората беше доделена и Плакетата “Св. Наум Охридски”, највисокото признание на Лекарската комора на Македонија кое се доделува за особени постигнувања во областа на здравството, на оние кои се истакнале во совесно и одговорно извршување на лекарската професија, на оние кои оствариле особено добри резултати во лекувањето на пациентите и се стекнале со доверба кај нив, но и кај колегите, доследно се придржуваат кон принципите на медицинската етика и Кодексот на медицинската деонтологија... Оваа година носител на ова признание е д-р Виолета Атанасовска од Делчево.
За несебично залагање во работата и посветеност на пациентите Комората им додели благодарници на д-р Садри Зеќири од Гостивар и д-р Сретимир Николовски од Крива Паланка.
Посебната награда на Лекарската комора за најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава, која го носи името на прим. д-р Димитар Ивановски, најдобриот студент од првата генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, кој дипломирал 1953 година. ја добија Никола Манев, Елиф Врајнко, Стефан Пандилов, Влатко Каранфиловски ( дипломирале со просечна оцена 10.00) , Медицински факултет, Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”- Скопје, на Едита Рустеми ( дипломирала со просечна оцена 8.49) ,Факултет за медицински науки, Државен универзитет во Тетово и на Натали Делипетрова ( дипломирала со просечна оцена 9.786), Факултет за медицински науки, Универзитет “Гоце Делчев” – Штип.