Собрание на ЛКМ
Усвоен извештајот за работата 2017-2018 година и дефинирани приоритетите за наредниот период
Лекарската комора на 15 февруари 2019 година во Скопје ја одржа IV седница на Собранието, со кворум од 48 делегати, на која беше усвоен Извештајот за работата на органите и телата на Комората за периодот јуни 2017 - декември 2018 година. Членовите на Собранието ги верифицираа и мандатите на д-р Дритон Селмани и д-р Љубомир Стефановски, делагати од одборите на лекари Тетово 2 и Кисела Вода - приватни. На седницата беше формирана статутарна комисија која ќе го разгледува актуелниот Статут и врз основа на нејзината проценка ќе се предложат измени и дополнувања на Статутот или подготовка на нов. Собранието го разреши претседателот на Централната изборна комисија д-р Александар Стојковски поради неактивност, а на негово место го именува д-р Денил Петровски.
Претседателката на Лекарската комора на Македонија, доц. д-р Калина Гривчева–Старделова, во својот извештај потенцира дека во изминатиот период во остварувањето на функцијата на Лекарската комора активно беа вклучени сите нејзини органи и тела. Активностите беа насочени, пред се, кон донесување на новиот Закон за здравствена заштита и Законот за докторска дејност, измените и корекциите во системот “Мој термин” и во издавањето упати, измените во правото за дополнителна дејност за докторите, создавање на единствена мрежа на здравствени установи, единствен електронски картон, и електронската евиденција на податоците, проблемите со и околу специјализациите, кон подобрување на економскиот статус на докторите, реализирање на кампања за подигнување на достоинството на здравствените работници... Таа ги истакна и заложбите за промена во концептот на избор на лекар, односно потребата пациентите да избираат матична установа, за неопходноста за нов систем на специјализации, како и за голем број други актуелни прашања.
Во оваа функција, според д-р Гривчева - Старделова, беа и средбите и соработката со пратениците – доктори, членови на Комисијата за здравство на Собранието.
Претседателката на Комората ги истакна и реакциите на случаите на насилство над докторите и јавната осуда на ваквите инциденти, најавувајќи дека се подготвува веб - апликација за пријавување насилство. Таа објасни дека во соработката со Министерството за здравство, а на иницијатива на Лекарската, Стоматолошката и Фармацевската Комора како и Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки е потпишана Декларацијата „Стоп на насилството во здравството”. Во средината на септември 2017 година Декларација „Стоп на насилството во здравството”, според д-р Гривчева-Стардлеова, потпишаа и членките на ЗЕВА, асоцијација во која се обединети 17 комори од земјите на Централна и Источна Европа.
Во овој период е потпишан и Меморандум за соработка меѓу Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора. Во соработката со ФЗОМ, активностите, според претседателката на Комората, беа насочени кон преговори во врска со актуелни проблеми со кои се соочуваат докторите во работењето како и кон Анекс – договорите (6 месеци) за плаќање на здравствените услуги во ПЗЗ, гинекологија, специјалистичко консултативна здравствена заштита и лаборатории, а, како што нагласи таа, беше договорено да се стави мораториум на договорните казни во овој период, освен за случаите кога со повредата е сторено кривично дело.
Лекарската комора, како што рече д-р Гривчева-Старделова, оствари и неколку средби со преставници од тимот на Светска банка кои беа во функција на техничка асистенција за помош за зајакнување на здравствениот систем во земјава, вклучувајќи ја и примарната здравствена заштита.
Таа истакна дека е востановена посебна награда "прим. д-р Димитар Ивановски" за најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава. Во извештајот беа потенцирани и активностите и приоритетите на Комората за наредниот период.
На седницата на Собранието на Комората беа донесени и Деловникот за работа на Комисијата за етички и правни прашања и Деловникот за работа на Комсијата за спортски активности. Собранието ја прифати иницијативата планинарската секција да го носи името на д-р Ѓорѓи Петков, член на Извршниот одбор во претходниот состав кој како пасиониран алпинист го загуби животот во една од експедициите на Хималаите.
Собранието го усвои Извештајот на Надзорниот одбор за материјално-финансиското работење на Лекарската комора за 2017 година и донесе одлуки за усвојување на Годишната пресметка на Лекарската комора за 2017 година, со извештај за финансиското работење, како и за усвојување на Финансискиот план на Лекарската комора за 2018 година. На седницата беше донесена одлука за укинување на потсметките на општинските одбори на Комората.
преземи извештај