02.10.2018
02.10.2018
Лекарската комора со докторите од Крушево
Докторите од Одборот на ЛКМ во Крушево се соочуваат со проблеми на здравствената заштита во руралните средини, со недостиг на специјалисти, а правните пречки недозволуваат времено ангажирање на специјалисти од различни области од другите општини и установи. Докторите бараат „олабавување“ на режимот на препишување на лекови и овозможување некои препарати за кои сега е задолжително препорака од специјалист или супспецијалист да можат да ги препишуваат и матичните лекари. Дотолку повеќе што во помалите места ги нема сите специјалности, а пациентите не се секогаш во можност да патуваат во најблискиот град каде што има доктори од соодветната специјалност. Беше побарано за докторите кои се ангажирани на имунизацијата да се организира едукација која би им користела во работењето. Ваквата потреба е резултат на специфичниот систем на функционирање на превентивната заштита и вакцинација во крушевскиот регион во кој овие области ги покриваат докторите кои во исто време работат и во службата на итна медицинска помош. Докторите побараа од Комората навреме да добиваат информации на организираните акредитирани стручни активности за да можат да ги планираат своите ангажмани.
Ова се клучните поенти од состанокот на преставниците на Лекарската комора кој се одржа на 28 септември во Здравствениот дом Крушево, а на кој присуствуваа доктори од Oдбор на доктори - Крушево, претседателот на ЛКМ д-р Калина Гривчева Старделова, д-р Џабир Бајрами претседателот на Собранието на ЛКМ, д-р Игор Дабески - потпретседател за примарна здравствена заштита и Директорот на Здравствен дом Крушево д-р Зорица Манчевска - Трајчулеска.
На состанокот Претседателката на ЛКМ ги запозна присутните со активностите на Комората пред се околу измените на законската регулатива, пред се околу подготовките на новиот Закон за здравствена заштита на кој се работи како и за настојувањата во пакет со Закон за здравствена заштита да се донесе и Законот за докторска дејност. Според д-р Гривчева - Старделова пратениците кои се членови на Комисијата за здравство при Собранието на Република Македонија даваат целосна поддршка на ваквиот концепт и ќе се заложат тој да се реализира. Членовите на Одборот на лекари беа запознати и со меѓународните активности на Комората, како и учеството на ЗЕВА кој во текот на септември се одржа во Прага, Чешка, а на кој беа презентирани националните извештаи за темата на Собирот - ангажирани и вработени странски доктори во земјите членки на оваа асоцијација.
На средбата стана збор и за специјализациите остварените средби со Министерот за здравство, директорите на ФЗОМ, претставници на Светска банка, соработката со Фармацевската и Стоматолошката комора, синдикатите, за новините кои се планираат во континуираната медицинска едукација, како и за други актуелни прашања од надлежноста на Комората.
Претседателот на Собранието на Комората д-р Бајрами истакна дека се надева дека заложбите на Комората ќе се реализираат затоа што за разлика од претходниот период сега оние што ги носат одлуките како институциите на системот се достапни и отворени за соработка со претставниците на Комората, а потпретседателот д-р Дабески укажа на незавидната состојба на докторите во малите места, проблемите кои ги имаат избраните лекари, како и неможноста тие да специјализираат.