19.06.2018
19.06.2018
Во Битола одбeлежан Денот на Лекарската комора на Македонија
Лекарската комора отсекогаш била принципиелна, кооперативна и отворена за соработка. Во таа насока ќе го продолжиме нашето дејствување транспарентно, сериозно и одговорно“, истакна претседателката на Лекарската комора на Македонија, доц. д-р Кaлина Гривчева – Старделова, на Свечениот собир со кој на 18 јуни оваa година, во Народниот театар во Битола се одбележаа 26 години од основањето на оваа професионална асоцијација.
Во присуство на голем број гости, меѓу кои и пратеници во Собранието на Р. Македонија, претставници на Министерството за здравство и на Владата на Р. Македонија, претседателката Гривчева – Старделова истакна дека како професионална асоцијација Комората беше и ќе биде посветена на реформите во сите сегменти на здравството и ќе продолжи да ги артикулира потребите и барањата на докторите низ соработка со институциите на системот.
„Ми претставува големо задоволство што Лекарската комора на Македонија го препозна проблемот и ги поддржа младите колеги кои се на специјализација во барањето на решение на нивниот незавиден статус. Како професионална асоцијација на доктори го поздравуваме понуденото решение од страна на Министерството за здравство, но во исто време, јасно истакнуваме дека тоа е само парцијално решение и дека специјализациите налагаат системски приод со кој ќе се надмине ова отворено прашање во здравствениот систем. Практиките на земјите на ЕУ и другите држави кон кои тежнееме, покажуваат дека коморите имаат клучна улога во сегментот на специјализациите и стручното доусовршување на докторите“, рече претседателката Гривчева – Старделова.
Свечениот собир го поздрави и првиот човек на Битола, градоначалничката Наташа Петровска, која на Комората и порача да продолжи да делува во интерес на докторската професија, а на членовите на оваа асоцијација им посака добро здравје и успех во натамошната работа.
„Мислам дека како доктори почнавме да ја враќаме нашата позиција во општеството и во здравствените случувања, место кое го заслужуваме и ни припаѓа како лекарска фела“, истакна зaмeник - претседателот на Лекарската комора, д-р Илбер Бесими, во своето обраќање. Според него, за Комората претставува предизвик да работи и да се залага за подобрување на условите за работа на секој лекар, за подобрување на нивниот социјално - економски статус, да се инсистира на нивното подобрување, да се залага за планирана и современа едукација и усовршување на колегите.
Во име на Министерството за здравство, гостите на свеченоста ги поздрави државниот секретар во Министерството, д-р Владимир Милошев, кој ја потенцира одличната соработка со Лекарската комора на Македонија и генерално со стручната фела како континуиран процес на комуникација и размена на идеи, во насока на реализација на зацртаните планови за унапредување на здравствената заштита и воопшто за подобрување на здравствениот систем во Република Македонија.
„Лекарската комора е дел од системот на здравствена заштита и како почитувана и компетентна професионална асоцијација со јавни овластувања е наш постојан партнер во реализацијата на реформите во сите сегменти на здравството.Заеднички работиме на повеќе значајни области, во насока на унапредување на здравствениот систем во Република Македонија“, истакна д-р Милошев. Тој како посебно значајно го издвои изготвувањето нов Закон за здравствена заштита - во насока на изградба на подостапен, поквалитетен и долгорочно финансиски одржлив систем на здравствена заштита, кој ќе обезбеди достоинствени услови за работа на медицинскиот кадар, поголеми шанси за нивна специјализација, повисоки плати, ставање на граѓаните во центарот на здравствениот систем и зајакнато чувство и одговорност на поединецот за сопственото здравје и здравјето на другите.
„За да се спречи одливот на млад медицински кадар се работи и на обезбедување подобри услови за работа и повисоки плати. Со повисоки плати, поголеми шанси за специјализација и подобрување на условите за работа, целта е да се направи атмосфера во која лекарите ќе сакаат да останат во земјава“, истакна д-р Милошев.
Во рамките на свеченоста беше доделена и Плакетата „Св. Наум Охридски“, највисокото признание на Лекарската комора на Македонија. Оваа престижна награда годинава ја доби д-р Гафур Мемети, специјалист по општа хирургија од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, а на предлог на неговите колеги, односно Одборот на ЛКМ – Гостивар.
Д-р Мемети е роден на 7 мај 1952 година во с. Топлице, Гостиварско. Дипломирал на Медиицнскиот факултет во Приштина во некогашна Југославија во 1979 година, а специјализирал општа хирургија во Клиничкиот центар во Љубљана (1988 г.). Во перидот од 1981 година работи како лекар по општа практика во Мeдицинскиот центар „Борис Канчевски“ во Гостивар. Како верен следбеник на Хипократовата заклетва активен е и во Црвениот крст на Македонија од 1981 година до денес.
Д-р Мемети е активен хирург за кого колегите велат дека на повик не знае да каже – не, сеедно дали станува збор за викенд, празник, вонредни состојби... Во неговата професионална кариера тој е и еден од основачите на Хируршкото одделение во некогашниот Медицински центар, односно сегашната Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ - Гостивар, како и на ургентната единица, една од првите во Републиката.
По повод 26 години од основањето, Лекарската комора на Македонија им додели плакети за долгогодишна успешна соработка на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Факултетот за медицински науки, Државниот универзитет во Тетово и на Факултетот за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Мината година, по повод јубилејот 25 години Лекарска комора на Македонија, за прв пат беше воведена посебна награда за најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава. Наградата го носи името на прим. д-р Димитар Ивановски, најдобриот студент од првата генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, кој дипломирал 1953 година. Награда која во исто време е и вредносен ваучер со кој се покриваат трошоците за полагање на стручниот испит, добиja:
- Марија Тодоровска (просечна оценkа 9.83), Медицински факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје;
- Леандра Кадриу(просечна оценkа 8.51),Факултет за медицински науки, Државен универзитет во Тетово;
- Анастасија Нацева (просечна оценkа 9.80), Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Наградите „Д-р Димитар Ивановски“ на најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава им ги врачи г. Владимир Ивановски, син на д-р Димитар Ивановски.