Потпишан меморандум за соработка меѓу Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора на Македонија
Меморандумот го потпишаа претседателите на Лекарската комора, доц. д-р Калина Гривчева - Старделова, претседателот на Стоматолошката комора, проф. д-р Владимир Поповски и претседателката на Фармацевтската комора Проф.д-р Бистра Ангеловска.
Потписниците на овој Меморандум се обврзаа како професионални институции со јавни овластувања да соработуваат и заеднички да настапуваат и влијаат во заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и правата на доктори по медицина, докторите по стоматологија и дипломираните фармацевти за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, да ги штити правата и професионалните интереси на докторите по медицина, докторите по стоматологија и дипломираните фармацевти кои се нејзини членови и да се грижи за достоинството, угледот, интегритетот и унапредувањето на севкупната лекарска и фармацевската струка и професија и нејзиното правилно и чесно вршење.
Со овој Меморандум тие ќе ги насочат своите напори кон поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес, во унапредување на соработката со други институции и заеднички настапи пред надлежни органи и институции, зајакнување на меѓународните контакти и соработка со сродни професионални асоцијации, како и активности за подигањето на квалитетот на едукацијата и подигање на јавната свест за прашања од заеднички интерес.
Како активни чинители на здравствениот систем коморите заеднички ќе делуваат во креирањето на здравствените политики, подготовките на законските проекти и настапите пред Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Македонија и други органи, институции и асоцијации во државата и надвор од неа.