Свечено одбележани 25 години од основањето на ЛКМ
„Верувам дека Комората веќе се наметнува како партнер во општеството и во креирањето на здравствените политики, стана почитувана и компетентна професионална асоцијација со јавни овластувања.
Наша обврска е во годините пред нас, заедно со Македонското лекарско друштво и сите други докторски здруженија да продолжиме да се грижиме за квалитетот на континуираната медицинска едукација и како струкова асоцијација да го зајакнеме единството на докторите и секако да придонесеме за враќање на нашиот дигнитет и подобрување на статусот.
Во оваа насока, денес, заедно со Министерството за здравство, со Стоматолошката и Фармацевската комора, како и со Здружението на медицинските сестри, техничари и акушерки на Република Македонија ја потпишавме декларацијата „Стоп на насилство врз здравствените работници“, како резултат на декларацијата, неодамна потпишана во Љубљана од страна на лекарските комори на 15 земји од Централна и Источна Европа, членки на ЗЕВА”, истакна претседателката на Лекарската комора на Македонија, доц. д-р Кaлина Гривчева – Старделова на Свечениот собир со кој на 28 септември ова година, во МАНУ, во Скопје се одбележаа 25 години од основањето на оваа професионална асоцијација.
Во присуство на голем број гости, меѓу кои академици, ректори, декани на медицинските факултети, претставници на Министерството за здравство, на Стоматолошката и Фармацевтската комора, на Македонското лекарско друштво, на Фондот за здравствено осигурување, на комори од ЗЕВА - асоцијацијата, претставници на дипломатскиот кор, меѓународни организации и асоцијации, на фармацевтскитe куќи и доктори, претседателката Гривчева – Старделова, истакна дека верува дека ќе се успее да се создадат услови и да се мотивираат младите доктори да останат и да работат во својата татковина.
Потенцирајќи го значењето на овој јубилеј, таа им се заблагодари на поранешните претседатели на Лекарската комора за нивниот придонес за јакнење на улогата и функцијата на Комората.
Во името на Министерството за здравство, присутните ги поздрави Заменик – министерот за здравство, д-р Гоце Чакаровски кој се осврна на актуелните сосотојби и проблеми во здравствениот сектор и неопходноста конечно да почне да се менуваат работите, односно од зборови да се тргне во дела.
Во рамките на свеченостабеше доделено и највисокото признание на Лекарската комора на Македонија, Плакетата „Св. Наум Охридски“. Оваа престижна награда годинава ја доби д-р Дамир Тепшиќ од Самоков - Македонски Брод, доктор кој работи во една рурална средина со 24 населени места, во планински тешко пристапен терен, кој покрива територија со пречник од околу 80 километри, 24 часа во текот на денот, согласно потребите на населението, односно на сите оние на кои им е потребна лекарска помош. Според д-р Иљбер Бесими, Заменик на претседателот на Лекарската комора, со својата работа и досегашни активности на професионален план, коректниот однос кон колегите, професионален однос и доверба кај пациентите, секогаш придржувајќи се на медицинската етика и Кодексот на медицинска деонтологија, д-р Тепшиќ несомнено заслужува вакво признание.
Наградата за најдобар објавен стручен и научен труд во „Vox medici“ во 2016 година рамноправно ја поделија трудовите „Климатски промени, феноменот на топлотни бранови и здравјето на работниците“ од Ј. Караџинска - Бислимовска, Ј. Минов, Д. Мијакоски, С. Столески и М. Спасеновска (Институт за медицина на труд на Р.Македонија, СЗО Колаборативен центар - Скопје и СЗО Канцеларија – Скопје) и „Тромбофилија кај патолошка бременост“ од д-р Јани Ангеловски од Институт за трансфузиона медицина, Скопје.
По повод јубилејот, 25 години од основањето, Лекарската комора додели посебна награда за најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава. Вредносен ваучер со кој се покриваат трошоците за полагање на стручниот испит добија Невенка Ридова од Медицински факултет при УКИМ – Скопје, Резеарта Елези од Факултетот за медицински науки на Државен универзитет во Тетово и Надица Стојкова, Факултет за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.
За долгогодишната успешна соработка, Лекарската комора им додели плакети на: Стоматолошката комора на Македонија, на Фармацевтската комора на Македонија, Македонското лекарско друштво и Алкалоид Ад Скопје.
Во рамките на свеченоста, благодарници добија и медицинските факултети во земјава, повеќе фармацевтски куќи и поединци.
Фото-галерија