15.09.2017
15.09.2017
Претседателката Гривчева - Старделова и Заменикот на претседател Бесими на ЗЕВА во Љубљана
Претседателката на Лекарската комора на Македонија, д-р Калина Гривчева - Старделова и заменикот на претседателот д-р Илбер Бесими, учествуваат на 24 ЗЕВА симпозиум на лекарските комори од Централна и Источна Европа што вчера започна во Љубљана, Р. Словенија.
Станува збор за докторска асоцијација во која се организирани коморите од земјите на Централна и Источна Европа за да ја поддржуваат, промовираат и прошируваат улогата и работата професионалните коморски асоцијации, да разменуваат искуства и мислење, како и да заземат ставови и да дадат предлози од делокруг на нивното делување, но и во функција на подобрување на здравствениот систем и обезбедување квалитетна и пристапна здравствена заштита за населението.
Главните теми на 24 ЗЕВА симпозиум се насилството врз докторите, одредени прашања околу специјализациите на докторите и нивната компетентност при практикување на процедури во дијагностички и терапевтски постапки, лиценцирањето и континуираната медицинска едукација, како и за примената на протоколи во секојдневната практика на докторите.
Во рамките на 24 ЗЕВА симпозиум, национален извештај за овие прашања денес ќе презентира и Претседателката на Лекарската комора, доц. д-р Гривчева - Старделова. Симпозиумот на кој партиципираат коморите на Германија, Австрија, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, БиХ, Република Српска, Албанија, Македонија, Србија, Косово, Бугарија, Романија, Црна Гора и Полска завршува утре.