Д-р Калина Гривчева – Старделова претседател на ЛКМ, д-р Илбер Бесими заменик на претседателот
Доц. Д-р Калина Гривчева – Старделова од Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија во Скопје е избрана за претседател на Лекарската комора на Македонија (ЛКМ), а за заменик на претседателот на оваа професионална асоцијација со јавни овластувања е избран д-р Илбер Бесими од Клиниката болница во Тетово.
За изборот на д-р Гривчева – Старделова и д-р Бесими, на денешната седница на Собранието на Комората , гласаа 40 од 66 присутни делегати. За противкандидатите, д-р Ленче Нелоска, директор на Геронтолошкиот завод “13 ноември “ – Скопје и досегашен потпретседател на ЛКМ и д-р Идриз Орана, гласаа 24 делегати. Две гласачки ливчиња беа неважечки.
- Ќе работиме да добиеме подобра Лекарска комора, Комора со која колегите ќе се гордеат. Приоритет ќе биде промена на Статутот на Комората, како и работата на терен со колегите, се со цел што подобро да се разберат нивните проблеми. Притоа, секое мислење или предлог ќе бидат добредојдени, изјави непосредно по изборот, претседателката д-р Гривчева-Старделова.
Според заменик на претседателот, д-р Бесими нивните активности ќе бидат насочени кон враќање на достоинството на лекарите и местото што тие го заслужуваат во општеството.
Делегатите на Собранието на седницата одлучија во два општински одбора, Кисела вода –приватни и Тетово 2, да се одржат нови избори. Членовите на Собранието избраа тројца потпреседатели на Комората, како и Извршен и Надзорен одбор на ЛКМ.
Со седницата претседаваше претседателот на Собранието, д-р Џабир Бајрами, кој беше избран на оваа функција на Конститутивната седница на Собранието што се одржа на 11 мај, 2017 година во Скопје.