Д-р Мирослав Бојаџијевски: Повеќе инвестиции за домашна нега на тешко болните
„Како држава сме пионери во нега на болни во домашни услови, која треба да се развива повеќе, бидејќи со неа ќе се растoвaрат болничките капацитети и ќе се намалат здравствените трошоци“, вели д-р Мирослав Бојаџијевски, лекар на годината во избор на Лекарската комора на Македонија. За тимот кој се грижи за болните со карцином и со најтешки хронични болести, според д-р Бојаџиевски, најбитен е пристапот и да се има добри комуникациски вештини, зошто освен што се медицински лица, тие се и еден вид психолози.
Лекарската комора на Македонија Ве прогласи за лекар на годината. Што за Вас значи оваа награда?
Ова ми е прва награда од здравството и многу ми е драго, зашто доаѓа од секторот и е признание и сатисфакција како за мојата 37 - годишна работа како лекар, така и за установата Геријатрискиот завод „13 Ноември“ во Скопје, каде што работам од 1981 година, а од 2004 година сум раководител на Службата за палијативна нега. Иако, пред околу два месеци заминав во пензија, наградата ми е поттик и натаму да придонесувам, ако не со друго, барем со идеи за развивање на палијативната нега во Македонија, односно на медицинската грижа за најтешко болните во домашни услови.
Како ја оценувате состојбата во пружањето палијативна нега во земјава?
Како држава сме пионери во овој сегмент. Слична е состојбата и во земјите во регионот, од Словенија наваму. Болничка палијативна нега во земјава се воведе во 1989 година во Геријатрискиот завод во Скопје, додека две години подоцна се отвори во Битола. Службата за палијатавна нега во домашни услови работи од 2004 година. Во цела земја се околу пет здравствени работници кои работат медицинска грижа и нега на најтешко болни во домашни услови. Овој сегмент треба да се развива, бидејќи со овој вид на здравствена грижа и нега не само што ќе се растворат болничките капацитети за примање други болни, туку ќе се намалат и трошоците на здравствениот систем ако се знае дека на овие болни им треба медицинска помош со месеци. Посебно што пациенти најчесто се болни со карцином или други тешки хронични заболувања како мултиплекс склероза, со мозочен удар, кои се неподвижни или тешко подвижни.
Што би и предложиле на државата за да развива палијативна нега?
За да се развива палијативната нега за најтешко болните во домашни услови, државата треба да вложува во едукација, кадар, но и во опрема. Овие инвестиции не треба да се само од здравството. Во други земји овие служби не се потпираат само на инвестиции од здравството, туку и на разни хуманитарни фондации, бидејќи лицата кои ја работат оваа дејност се најчесто волонтери. Значи, државата треба да инвестира во едукација, во транспортни средства, во опрема потребна за комуникација. Сето тоа ќе и' се врати со тоа што тешко болните нема да ги зафаќаат болничките капацитети и ќе се намалат здравствените трошоци. Да не зборувам за бенефитот на болните, кои со овој вид грижа не само што не се во болница, туку полесно го минуваат најтешкиот дел од животот меѓу своите.
Со оглед дека е само еден тим за цело Скопје, како стасувате да ги згрижите сите пациенти?
Тешко, но, сепак успеавме да им дадеме терапија на сите, но и да им поделиме и по некој убав збор, зашто тоа се болни кои поради болеста често се нерасположени и имаат јаки болки. Годишно има и по 200 болни, а дневно, во просек има по 8 пациенти, иако има и денови кога мора да се згрижат и по 10. На сите тие, освен што треба да им се даде терапија, треба и да им се вклучат инфузии, кои додека истечат се чека по најмалку еден час. На некои болни им се прават и вежби, што, исто така, бара време. За среќа, за овие 12 години колку што функционираме немало некоја поплака од болните. Морам да признаам дека многу ни помагаат и членовите на семејствата на болните, со тоа што оние кои сакаат ги учиме како поткожно да боцкаат, или како да ја исклучат инфузијата. Со оглед дека бројот на жители во Скопје постојано расте, а со палијативна нега се покриваат и околните села од Катланово па до Бојане, на Скопје му се потребни два-три тима кои ќе работат на терен.
Што е најважно за еден лекар кој работи со терминално болни?
Јасмина Јовановска - Вељановска