Делегација на Лекарската комора на Косово во ЛКМ
Во работна посета на Лекарската комора на Македонија денес беше делегација на Лекарската комора на Косово на која се разговараше за актуелни прашања и се разменија искуства за теми кои се од интерес за докторската професија. Делегацијата кој ја сочинуваа претседателката на Комората, проф. д-р Зулфије Хундози, потпретседателот д-р Шемседин Садику, претседателот на Судот на честа, д-р Насер Ѓонбалај и д-р Ардита Бараку, член на ИО, оствари средба со претседателот на ЛКМ проф. д-р Кочо Чакалароски, потпретседателите д-р Ленче Нелоска и д-р Џабир Бајрами, како и членот на ИО д-р Илберт Адеми. Во разговорите кои минаа во исклучително колегијална и работна атмосфера беа отворени низа прашања за местото и улогата на Комората во системот, нејзините јавни овластувања како и за процесот на лиценцирање и постапката за акредитација на докторите и стручните активности.
Лекарската комора на Косово е основана пред две години и се уште е во процес на институционализирање, а како што беше истакнато, искуствата и концептите за работа на другите комори ќе им бидат од голема полза.
Докторите од Косово пројавија посебен интерес за прашањата околу коморското работење, лиценцирањето на докторите, континуираната медицинска едукација и нивната акредитација, осигурувањето на докторите, насилството над докторите и модалитетите на нивна заштита како службени лица, односите со органите и институциите во државата, како и соработката со медиумите.
Претставниците на Лекарската комора на Косово се интересираа и за постапката на добивање на лиценци за работа на странски доктори, неопходноста од однесување на посебен Закон за докторска дејност со кој подетално ќе се регулираат правата и обврските на докторите при вршењето на здравствената дејност, нивниот материјален статус, независното и професионалното вршење на докторската дејност, медицинските студии и специјализации, како и надлежностите на Коморите во спроведувањето на стручниот надзор.
Договорено е ваквата соработка двете комори да ја продолжат и во наредниот период, посебно за прашања кои се од заеднички интерес.