Најдобар стручен и научен труд објавен во „Vox medici“ за 2014 година
Главниот уредник на Vox medici, проф. д-р Михаил Кочубовски ја соопшти одлуката за избор на Наградата за најдобар стручен и научен труд објавен во „Vox medici“ за 2014 година.
На свечениот собир, за најдобар објавен труд беше прогласен: „Дефицит на витамин Д кај остеопоротични и остеопенични пациенти со цистична фиброза“ од Т. Јаќовска, Ј. Мечевска-Јовчевска, Л. Спиревска од Универзитетска клиника за детски болести и Универзитетска клиника за клиничка биохемија, при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Овој труд е избран како најдобар меѓу 16 -те публикувани стручни и научни труда кои, според оцените на рецензентите, со својата содржина, квалитет и приод ги исполнија критериумите за публикување во прилогот за стручни и научни трудови на „Vox medici“.
Според членовите на Уредувачкиот одбор, трудот „Дефицит на витамин Д кај остеопоротични и остеопенични пациенти со цистична фиброза“ е подготвен од компетентни автори, доктори од Универзитетска клиника за биохемија, при Медицински факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои како цел на трудот ја определиле неопходноста да се „детерминира преваленцата на витамин Д дефициентни и инсуфициентни ЦФ пациенти со остеопенија или остеопороза и да се евалуира влијанието на серумското ниво на 250ХД врз коскените маркери и коскениот дензитет“ бидејќи „витамин Д инсуфициенција е честа кај ЦФ пациенти со остеопенија или остеопороза и затоа е потребно мониторирањето и суплементацијата со витамин Д да биде приоритет во менаџирањето на ЦФ пациентите со ЦФ коскена болест“.
Вредноста на трудот, според членовите на Уредувачкиот одбор, не е само во тоа што претставува квалитетна и издржана студија која ги анализира вредностите на витаминот Д кај пациентите болни од цистична фиброза во компарација со контролна група од здрави субјекти. Вредноста се согледува и поради тоа што наодите кои се базирани на соодветна група пациенти, можат да имаат примена во приодот кон пациентите со цистична фиброза и нивното лекување.
Како што се истакнува во образложението за изборот, трудот е мошне јасен и адекватно конципиран со добро планирана методологија на истражување и соодветни методи за биохемиски и ДХА испитувања.
Наградите за авторите беа врачени од страна на Претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф. д-р Кочо Чакалароски.