Свечено одбележан денот на Лекарската комора на Македонија
Во присуство на голем број гости, меѓу кои и министерот за здравство Никола Тодоров и директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнаџиевa – Змејкова, како и претставници на коморите и на медицинските факултети, Македонското лекарско друштво и голем број доктори, со Свечен собир, на 4 јуни, во Клубот на пратениците во Скопје се одбележа 5 јуни, Денот на Лекарската Комора на Македонија, поточно 22 годишнината од нејзиното основање како самостојна професионална асоцијација на докторите по медицина.
Во поздравното обраќање, претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Кочо Чакалароски, истакна дека во изминативе 22 години, е неспорно дека Комората се наметнала како партнер во општеството и во креирањето на здравствените политики, дека се изградила како респектабилна професионална асоцијација со јавни овластувања. Според него, несомнено е дека со многу работа, енергија, залагања и знаење направено е многу, но факт е дека пред Комората стојат уште предизвици кои треба да се реализираат за ЛКМ да биде она што сите би сакале и, што оправдано, го очекуваат докторите во Македонија.
“Комората иницираше голем број предлози, измени и решенија во здравството и здравствената регулатива. Некои од нив успешно се реализираа, на други и натаму работиме. Така и ќе продолжиме, пред се, за се она што се однесува на здравствениот систем, здравјето, местото и улогата на докторите. Во таа насока, и овој пат ќе нагласиме дека Комората е подготвена да биде партнер во преговарањата и договарањата за прашања од интерес на докторите од областа на здравството, при подготвувањето на решенија за проблемите, но дека настојува и ќе настојува да се респектираат нејзините предлози”, истакна д-р Чакалароски. Според него, Комората како професионална докторска асоцијација и натаму ќе работи на надминување на проблемите и изнаоѓање на најсоодветни решенија низ координирана расправа и дијалог за суштинските и стратешките прашања во здравството. Како приоритети во натамошниот период, тој ги издвои, Законот за докторска дејност, заложбите за поадекватно осигурување на докторите од стручна грешка, а во тој контекст и можноста и модалитетите за бесплатна или субвенционирана правна помош на членството. Лекарската комора, нагласи д-р Чакалароски, ќе се обиде да најде место и при посредување за евентуални конфликти на интереси меѓу докторот и институциите без да навлегува во ингеренциите на Министерството за здравство, но ќе настојува да се избори да се обезбеди и поголема безбедност и заштита од вербални и физички напади на здравствените работници на нивните работни места. “Наша заложба е ЛКМ секаде и во секој момент да ги штити интересите на докторите, а угледот, материјалниот и социјалниот статус на лекарите ни остануваат приоритет... Комората останува отворена за идеи, мислења, предлози, за соработка. Во неа сите ние, како припадници на докторската професија, наоѓаме и треба да најдеме место каде што ќе ги артикулираме нашите заложби и барања. Се разбира, водејќи сметка и за општите интереси во здравството, за интересите и потребите на граѓаните, државата”, истакна проф. Чакалароски.
Презентација на информациите и податоците со кои располага Комората во врска со реализацијата на јавните овластувања имаше потпретседателката на Лекарската комора на Македонија, д-р Ленче Нелоска. Низ графички и табеларен приказ беа претставени податоци за вкупниот број доктори евидентирани во Регистарот на Комората, нивната застапеност според возраст, пол и национална припадност, класификации според нивоа на здравствена заштита и според специјлноста. Беа презентирани и податоци за континуираната медицинска едукација акредитирана од Комората, информација за редовниот и вонредниот стручен надзор, организациската поставеност на Комората со нејзините органи и тела, како и нивните активности остварени во изминатиот период...
Во рамките на Свеченоста, највисокото признание на Лeкарската комора на Македонија, Плакетата "Св. Наум Охридски" и беше врачена на д-р Лидија Стоичевска, невролог од Делчево. За прв пат беше доделена награда и за најдобар стручен и научен труд објавен во “Vox medici” во 2013 година, признание кое годинава го доби трудот „Проценка на кардиоваскуларниот ризик кај пациенти со дијабетес мелитус тип 2 со моделот на United Kingdom Prospective Diabetes Study“ од д-р Ивица Смоковски и д-р Татјана Миленковиќ.
Фото-галерија