“Св. Наум Охридски” за д-р Лидија Стоичовска
Добитник на највисокото признание на Лекарската комора на Македонија, Плакетата “Св. Наум Oхридски” оваа година, е д-р Лидија Стоичовска, специјалист по неврологија од Делчево. Предлогот за доделување на оваа престижна награда на д-р Стоичовска дојде од нејзините колеги, односно од Општинската организација на ЛКМ – Делчево, а Комисјата за награди на Комората оцени дека со својата работа и досегашни активности на професионален план, коректниот однос кон колегите, професионален однос и доверба кај пацинтите, секогаш придржувајќи се на медицинската етика и Кодексот на медицинска деонтологија, д-р Стичовска несомнено е доктор кој заслужил вакво признание.
Д-р Стоичовска е родена 1959 година во Скопје, а основното и средното образование го заокружува во Делчево. Во учебната 1978/79 се запишува на Медицинскиот факултет во Скопје. По дипломирањето се вработува како лекар по општа практика, работи во Итна медицинска помош, во Македонска Каменица... Во периодот од 1987 до 1995 година д-р Стичковска е доктор во повеќе амбуланти во делчевскиот регион, а потоа работи во индустриска амбуланта.
Од октомври 1995 – октомври 1999 е на специјализација по неврологија на Клиниката за неврологија на Медицинскиот факултет во Скопје, а по нејзиното завршување таа работи како невролог во консултативно-специјалистичката амбуланта по неврологија (со дневна болница и домашно – специјалистичко лекување) во Делчево. Д- р Стоичовска е прв и единствен невролог за подрачјето на општините Делчево, Македонска Каменица, Пехчево и Берово. Континуираната едукација како невролог, ја продолжува преку учество во работата и присуство на повеќе конгреси, стручни состаноци, работилници и други форми на КМЕ. Таа е член на повеќе специјалистчки здруженија од подрачјето на неврологијата, а е автор и коавтор на повеќе од 10 научни и стручни трудови со невролошка тематика.
Од ноември 1999 до ноември 2003 година е претседател на Општински одбор на Лекарската комора - Делчево и член на Етичката комисија при ЛКМ. Неколку години е член и на Редакцискиот одбор на списанието “Епилепсија”. Д-р Стоичовска е активна и во работата со медиумите и невладини организации, каде е предавач на разни здравствени и теми, а е посветена и на здравствената едукација на населението.