“Проценка на кардиоваскуларниот ризик кај пациенти со дијабетес мелитус тип 2 со моделот на United Kingdom Prospective Diabetes Study“– најдобар објавен труд во “Vox medici”
Уредувачкиот одбор на “Vox medici” за најдобар објавен стручен и научен труд во ”Vox medici” во 2013 година го избра трудот „Проценка на кардиоваскуларниот ризик кај пациенти со дијабетес мелитус тип 2 со моделот на United Kingdom Prospective Diabetes Study“ од д-р Ивица Смоковски и д-р Татјана Миленковиќ од Министерството за здравство, односно од Универзитетската клиника за ендокринолгоија во Скопје. Овој труд е избран како најдобар меѓу 12 -те публикувани стручни и научни труда кои, според оцените на рецензентите, со својата содржина, квалитет и приод ги исполнија критериумите за публикување во прилогот за стручни и научни трудови на „Vox medici“.
Според оцената на членовите на Уредувачкиот одбор, трудот „Проценка на кардиоваскуларниот ризик кај пациенти со дијабетес мелитус тип 2 со моделот на United Kingdom Prospective Diabetes Study“ е подготвен од компетентни автори-професионалци, кои за цел го одредиле проценувањето на 10-годишниот ризик изразен во проценти со моделот на United Kingdom Prospective Diabetes Study (UKPDS) за коронарна артериска болест (КАБ), фатална КАБ, мозочен удар кај пациенти со диабетес мелитус (ДМ) тип 2. Студијата е опсервациска, крос-секциска анализа на кохорта од 1.404 пациенти со ДМ тип 2. Моделот на (UKPDS) користи девет фактори на ризик.
Вредноста на трудот, сметаат членовите на Уредувачкиот одбор, е не само што прави сериозна стручна анализа на факторите на ризик за настанување на кардиоваскуларни заболувања со мошне релевантен модел, туку и претставува основа за превентивно делување на лекарите практичари, кои сé повеќе ќе се соочуваат со пациенти со диабетес мелитус тип 2 и со ризикот од настанување на заболувања на кардиоваскуларниот систем. Трудот на мошне јасен и разбирлив јазик, како што се истакнува во образложението за изборот, ја определува важноста од употребата на споменатиот модел за процена на апсолутниот ризик за кардиоваскуларни заболувања кај пациентите со диабетес мелитус тип 2, со цел да се насочи терапијата на пациентите со највисокиот ризик. Без сомнение, овој труд, посочувајќи го моделот (UKPDS) ќе има значаен импакт врз практиката на лекарите во примарната здравствена заштита во Република Македонија.