Извршен одбор на ЛКМ (25.3.2014)
Врз основа на член 22 од Статутот, Извршниот одбор на Лекарската комора на Македонија донесе одлука со која д-р Влатко Миташев се номинира за член од Комората во Мултилатералната комисија која ја формира Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Мултилатералната комисија, според објаснувањата од Фондот, се формира во интерес на создавање на подобри услови на осигурениците во системот на здравствено осигурување и во давањето на поквалитетни и поефикасни здравствени услуги. Комисијата ќе се состанува два пати годишно и ќе се даваат предлози, мислења, ставови и идеи за подобрување на здравствениот систем во кој ќе има задоволни пациенти и задоволни лекари.
Разгледувајќи ги проблемите со кои се соочуваат матичните лекари во делот на спроведувањето на превентивните цели за кардиоваскуларни болести, односно обврската пациентот да биде упатуван на повисоко ниво на здравствена заштита заради испитувања (скор 1 ), Извршниот одбор упати покана за заедничка средба до Здружението на кардиолози на Р. Македонија на која би се разговарало за зацртаните превентивни цели за кардиоваскуларните заболувања и можностите за нивни промени.
Извршниот одбор на Лекарската комора донесе заклучок да испрати ургенција до Фондот за здравствено осигурување во врска со дописот од минатата година во кој Комората даде предлози, сугестии и мислење за измена и дополнување на Правилникот за индикациите за остварување на право на ортопедски и други помагала. Со ургенцијата се бара одговор на предложените измени и дополнувања на Правилникот со кои се предлага кај палијативните состојби на болните да се олесни процедурата на препишување на ортопедски и други помагала (пелени и сл.). Се предлага исклучување на избраните доктори од обврската за издавање на потврди, а издавањето на потврдата да биде во надлежност на специјалист кој дирекно е инволвиран во лекувањето на пациентот.
Членовите на Извршниот одбор на Лекарската комора го разгледаа дописот од Health grouper Македонија за започнување на Проект со кој ќе се истражува миграцијата на здравствениот персонал од четири балкански земји и поканата за активно учество на Kомората во овој проектот, пред се, во делот на изготвувањето на препораките до здравствените власти.
Извршниот одбор на ЛКМ ја поздрави идејата за соработка, но побара организирање на заедничка средба на која Извршниот одбор подетално ќе биде информиран за проектот во целина,по што ќе се одлучи дали Комората активно ќе се вклучи во него.