Одбележан Светскиот ден на здравјето
На Светскиот ден на здравјето, 7 Април, Светската здравствена организација ја истакнa сериозноста и зголемувањето на заканата од болести кои се пренесуваат преку вектори со слоганот „Мал убод, голема закана“. Македонија активно се вклучува во активностите на СЗО посветени на векторските инфективни болести и дава придонес во превенцијата и контролата на тие болести на локално и на глобално ниво.
Ова денеска на свечен собир организиран од Македонско лекарско друштво во Градската општа болница „8 Септември“ по повод одбележувањето на Светскиот ден на здравјето го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека за таа цел донеле Акциски план за превенција од вектор - преносливи болести согласно кој секоја година се преземаат мерки за уништување на векторите, а населението се советува за лични заштитни мерки, како и за потребата од заштита пред патување, за време на престој и по враќање од држави во кои постојат вектор преносливи заболувања.
Додаде дека традиционално и годинава во насока на потенцирање на важноста на превентивните прегледи, Министерството за здравство, Светскиот ден на здравјето го одбележува со организирање акции за превентивни бесплатни прегледи во сите градови, во рамки на Програмата Здравје за сите.
На традиционалниот собир по повод 7 април, на кој присуствуваа голем број здравствени работници и гости, меѓу кои и претседателот и потпретседателот на Лекарската комора, проф. д-р Кочо Чакалароски и д-р Ленче Нелоска, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Прнаџиева - Змејкова, претседателот на Македонското лекарско друштво, проф. д-р Јован Тофоски рече дека здравството не е само здравствениот систем туку е и општеството во целина.
"Тоа е одлично, но во некои други работи се уште зоастануваме иако и на нив се работи. Но се не може преку ноќ да се направи. Нашата анкета за задоволството на лекарите покажува дека луѓето се незадоволни. Не е тоа само платата, не се само парите, некој однос итн., треба тоа да го изанализираме и да го поправиме, затоа што е тоа значајна компонента за успешност на здравствениот систем", истакна проф. Тофоски.
На собирот прим. д-р Благоја Алексоски го презентира рефератот на тема „Болести кои се пренесуваат преку вектори“ со посебен осврт на состојбите во Р.Македонија. За исклучителни резултати во подолг временски период за унапредувањата на медицинска наука и практика и развојот на здравствената заштита, како и остварувањето на целите на МЛД, повелбата "Д-р Трифун Пановски" им беше доделена на проф. д-р Илија Џонов, проф. д-р Фимка Тозија, прим. д-р Благоја Алексоски, проф. д-р Смиља Туџарова-Ѓоргова, проф. д-р Розалинда Попова и проф. д-р Гоце Спасовски. За најдобар студент признание доби д-р Сандра Ѓоргова, а беа доделени и признанија, плакети и благодарници на доктори на медицина од целата Република.