Трансплантација на црн дроб во првата половина на мај
Во првата половина на мај годинава на Универзитетската клиниката за дигестивна хирургија се планира трансплантација на црн дроб. Станува збор за трансплантација од жив донор, а подготовките за овој комплексен зафат во кој се вклучени повеќе клиники и институции се во тек. Според информациите од координаторите за трансплантација се се одвива согласно планираната динамика.Трансплантацијата ќе ја реализира експертски тим од Франција, предводен од проф. д-р Оливие Бојот кој прифатил во текот на годината во повеќе наврати да престојува во Македонија и да се вклучи во доедукацијата на нашиот тим за вакви интервенции.
Ова го соопшти Националниот координатор за трансплантација, доц. д-р Аспазија Софијанова на Конференцијата "Перспективите на трансплантацијата во 2014 година" што на 4 април се одржа во Скопје, а на која присуствуваа и ги презентираа своите искуства и очекувања болничките координатори од скопските универзитетски клиники и институти, неколку директори на клиники, како и доајени кои се вклучени проектот за трансплантација. Гости на овој стручен собир беа и проф. д-р Жељко Жупан и д-р Младен Ивановски од КБЦ -Ријека, Република Хрватска, кои своето искуство во областа на трансплантологијата и донорството на органи им го пренесоа на македонските колеги.
Според д-р Софијанова, цел и мотив за 2014 година е и реализацијата на 10-тина кадаверични трансплантации, односно трансплантации од починат дарител, програмата за трансплантација од жив донор, а како еден од приоритетите е и трансплантацијата кај деца. "Заедно почнавме едно патување и да останеме заедно за да стигнеме до целта", им порача таа на учесниците на Конференцијата при што им оддаде признание на сите оние кои досега дале несомнен придонес на полето на трансплантологијата во македонското здравство.
На конференцијата беше истакнато дека ваквите средби на координаторите за трансплантација се неопходни не само заради подобро запознавање, организација и координација на натамошните активности, туку и како можност за презентирање на искуствата, проблемите, потребите за кадровско и техничко доекипирање на тимовите и установите и евентуално нивно проширување. Во овој контекст беше посочена и потребата сите институциите кои се вклучени во програмите за трансплантација да изготват протокол по кој ќе работат, како и значењето на централниот софтвер во кој ќе се евидентираат податоците за сите лица кои чекаат на трансплантација. Како предуслов за успех беа посочени и подобрувањето на комуникацијата и добрата координација, но и обуката на средно-медицинскиот кадар кој е вклучен во трансплантацијата, како и адекватното наградување на тимовите.
Координаторите за трансплантација ги апострофираа и проблемите со кои се соочуваат пациентите кои се подготвуваат за трансплантација и оние кои го даруваат органот во текот на многубројните иследувања и анализи (партиципација, чекања...), а се отвори и дилемата дали нема да е поцелисходно доколку членовите на тимовите за трансплантација се изземат од концептот за плаќање по успешност.
Учесниците на Конференцијата се согласија со констатацијата дека несомнената поддршката на државата за развој на трансплантационите програми треба да се искористи и дека во таа насока ваквите собири треба да се интензивираат, пред се, во интерес на пациентите и нивното здравје.