Извршен одбор на ЛКМ (25.2.2014)
Лекарската комора на Македонија изрази целосна поддршка на иницијативата на Здружението на доктори од центрите за астма и ХОББ за ревизија на режимот на пропишување лекови за третман на астма и ХОББ . Одлуката за поддршка на иницијативата едногласно е донесена на седницата на Извршниот одбор на Комората (ИО), одржана на 25 февруари оваа година, врз основа на добиеното барање од Здружението.
"Сметаме дека барањето до ФЗОМ, со цел да им овозможи на докторите кои работат во Центрите за астма и ХОББ, да препорачуваат целокупна терапија за долгорочен третман овие хронични респираторни болести е основано и уште повеќе потребно, како за пациентите, така и за матичните лекари", се истакнува во писмото за поддршка.
Матични лекари, преку своите претставници во Комората, изразија задоволство од повеќегодишната работа на центрите за Астма и ХОББ и нагласија дека упатувањето на пациентите во центрите во регионалните болници, а не на клиниките во Скопје, е придобивка и за пациентите и за докторите.
Комората смета дека осигурениците со усвојувањето на иницијативата на Здружението на доктори од центри за Астма и ХОББ ќе имаат поедноставен и олеснет пристап до поголем број групи на лекови за нивната болест и ќе дојдат до потребната терапија со помал број на упати и посети на специјалистичко - консултативни амбуланти. "Мора да се истакне дека пациенти со дијагноза астма или од ХОББ ширум Републиката по започнувањето на работата на центрите со астма и ХОББ се многу поредовно контролирани, а со тоа и посоодветно третирани и имаат помал број на хоспитализации, што придонесува за намалување на директните и индиректните трошоци во здравството", се нагласува во писмото за поддршка на иницијативата.
Членовите на Извршниот одбор, на седницата, донесоа одлука претставници на Лекарската комора да учествуваат на 117-то Собрание на Германската медицинска асоцијација што од 27 до 30 мај ќе се одржи во Дизелдорф. Делегацијата на ЛКМ ќе ја предводи претседателот, проф. Кочо Чакалароски, а во не ќе бидат и д-р Георги Петков и д-р Идриз Орана, членови на ИО на Комората.
Разгледувајќи ги добиените дописи и информации од доктори на медицината во кои тие се жалат дека на своите работни места се почесто се напаѓани вербално и физички од страна на пациентите или нивни блиски, Извршниот одбор уште еднаш констатира дека со насилството над докторите на медицина им се нанесува штета и на пациенти и на докторите.
Како професионална асоцијација ЛКМ преку официјално писмо упатено до директорите на здравствените установи апелира " во рамките на позитивните законски прописи и нивните надлежности да преземат дополнителни мерки и активности со кои на докторите на медицина ќе им се обезбеди соодветна заштита при укажувањето на здравствените услуги " .
Врз основа на член 22 од Статутот на Лекарската комора на Македонија, Извршниот одбор донесе одлука со која се определува д-р Бекир Адеми времено да ја врши функцијата претседател на Комисија за приватно здравство. Тој ќе ја врши функцијата која остана испразнета по смртта на д-р Милорад Ристевски, како В.Д. претседател до првата седница на Собранието на ЛКМ.