Инкорпорирани три амандмани на ЛКМ во новата регулатива за медицински студии и континуирано стручно усовршување
Со измените и дополнувањата на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина се дополнуваат одредбите за годишна програма за обука на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите и се регулира донесувањето на Годишен план за едукација на избраните лекари во Република Македонија. Законскиот проект се уште е во собраниска процедура, а измените и дополнувањата се во функција на подигнување на нивото на знаењето на докторите.
Во Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина (Службен весник на Република Македонија број 16/13), член 7 став (4), се дополнуваат одредбите во кои се прецизира начинот на изготвување на предлог-годишнитата програма за обука на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите.
На иницијатива на Лекарската комора на Македонија прифатено е дополнувања на предложените текст со кое со годишната програма за обука се опфаќаат и приватните специјалисти во мрежа, службите за превенција, дежурните служби, итната медицинска помош и домашната посета.
Со измените се предвидува министерот за здравство да донесува Годишен план за едукација на избраните лекари во Република Македонија, а по предлог на Комората, зацртаниот опфат за едукација на избраните лекари од 35 отсто е корегиран на 50 проценти со образложение дека "капацитетот на здравствените установи каде ќе се спроведуваат обуките задоволува за 50% од избраните доктори, а воедно за две години сите избрани доктори би го завршиле циклусот на обука за актуелните упатства и ќе можат да ги применуваат во пракса. Исто така, упатствата се обновуваат на 2 години, па циклусот ќе се поклопи".
Во истиот член, предлагачот на законските измени го прифати предлогот на Комората, ЛКМ со свој претставник да учествува и да има увид во плановите и едукативните програми кои ќе се подготвуваат и навремено да биде информирана за сите натамошни промени и нивна реализација.
Целта на овој Предлог - закон, според предлагачот е дополнување на одредбите за годишна програма за обука на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите и донесувањето на Годишен план за едукација на избраните лекари во Република Македонија со која се предвидува подигнување на нивото на знаењето на докторите на медицина и избраните лекари.
Со предвидените измени и дополнувања во Законот се прецизира начинот на изготвување на предлог годишна програма за обука на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите; се предвидува министерот за здравство да донесува Годишен план за едукација на избраните лекари во Република Македонија; се зголемуваат казните доколку не се донесе, односно не се подготви годишната програма за обука, а се предвидува што ќе се случи доколку избраниот лекар не се јави на едукација согласно планот за едукација на избраните лекари во Република Македонија.
Член 9, став 16
Според предложените одредби, Министерот за здравство најдоцна до 1 декември тековната година донесува Годишен план за едукација на избраните лекари во Република Македонија, кој опфаќа најмалку 50% од избраните лекари во Република Македонија, која важи од 1 јануари следната година, која е организирана и на товар на Министерството за здравство, која е акредитирана од страна на Лекарската комора на Македонија и која е задолжителна за сите избрани лекари во мрежата на здравствени установи, и која особено содржи обуки за упатствата за медицина заснована на докази, обуки за стекнување на вештини, обуки за користење и читање на ЕКГ, обуки за дефибрилација, реанимација и основно одржување во живот. Дел од обуките на избраните лекари задолжително се спроведуваат во здравствени установи на терциерно ниво каде што се третираат првите пет најчести причини (болести) за смртност во Република Македонија. Обуката на избраните лекари се состои од теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел од обуката е во присуство на повеќе избрани лекари, трае најмалку четири часа и задолжително завршува со проверка на знаењето на избраните лекари со тест. Практичниот дел од обуката на избраните лекари се извршува со присуство на избраните лекари на третман на пациенти од страна на специјалист односно супспецијалист во здравствена установа. По завршувањето на практичниот дел од обуката што трае вкупно четири пати по четири часа, специјалистот односно супспецијалистот издава писмена потврда дека избраниот лекар присуствувал на практичниот дел од обуката. Обуката на избраните лекари по правило се одржува во викенд освен доколку избраниот лекар не побара обуката да се спроведува во работни денови.
Член 7, став 4
Во Годишната програма, според предложените решенија, се предлага да се извршуваат обуки во странство кои траат најмалку 30 дена и содржи најмалку 1.000 обуки годишно, од кои најмалку 200 обуки се за докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите вработени во јавни здравствени установи на терциерно ниво и најмалку 600 обуки се за доктори на медицина вработени во јавни здравствени установи на секундарно ниво. Во годишната програма се предвидуваат дополнителни обуки и за докторите на медицина вработени во јавни здравствени установи на секундарно ниво, кои се извршуваат во здравствени установи во Република Македонија. Докторите на медицина вработени во јавни здравствени установи на секундарно ниво се должни најмалку четири месеци во период од шест години да поминат на обука во странство, овозможена од Министерството за здравство и најмалку два месеци во период од пет години да поминат во обука во здравствена установа на терциерно ниво, овозможена од Министерството за здравство.
Член 16-а
На избраниот лекар кој нема да се јави на едукација и да го положи тестот за проверка на знаењето стекнато на теоретскиот дел од обуката, односно нема да обезбеди потврда за присуство на практичниот дел на обуката согласно Годишниот план за едукација на избраните лекари во Република Македонија, согласно договорот склучен со Фондот за здравствено осигурување на Македонија, ќе му се намали месечниот надоместок од Фондот за здравствено осигурување за 20%, еднократно. Доколку избраниот лекар две години по ред не се јавува на едукација и не го положи тестот за проверка на знаењето стекнато на теоретскиот дел од обуката односно нема да обезбеди потврда за присуство на практичниот дел на обуката согласно Годишниот план за едукација на избраните лекари во Република Македонија, ќе се раскине договорот за лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи и нема да може да склучи договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија во времетраење од една година.