ЛКМ најостро го осудува нападот на здравствените работници од Итна медицинска помош
Лекарската комора на Македонија најостро реагира по повод нападот на здравствените работници на Службата за итна медицинска помош за Новогодишните празници во Скопје и бара надлежните органи на државата во што покус рок да го истражат и да го затворат случајот.
Лекарската комора на Македонија, како професионална докторска асоцијација, силно го осудува нападот на екипата за Итна медицинска помош и ги повикува властите да спроведат брза истрага со која напаѓачите врз оние кои укажуваа ИТНА медицинска помош на лицата на кои таа им е неопходна, ќе се идентификуваат и ќе бидат изведени пред судските инстанци. Лекарската комора на Македонија и овој пат потсетува дека со насилството над здравствените работници им се нанесува штета и на пациентите.
Имајќи предвид дека нападите на здравствените работници на нивните работни места се сѐ почести и стануваат сѐ посериозен проблем, како професионална асоцијација, апелираме Министерството за здравство и другите надлежни органи да преземат сe што е потребно за да ги заштитат вработените во здравствениот сектор и да им овозможат професионално и согласно етичките и деонтолошките норми, да ја практикуваат својата хумана професија. Во овој контекст повторно ја актуелизираме потребата од измени во законската регулатива со кои ќе се обезбеди дополнителна правна рамка со која поадекватно ќе се штитат здравствените работници и ќе се санкционираат нападите при нивното вршење на професионалните обврски.
Со промени на законската регулатива се дава институционална рамка, а државата, општеството и поединците треба заедно да делуваат на менување на состојбите и јакнењето на свеста на граѓаните за недопустливоста и штетноста од ваквите инциденти. Лекарската комора е подготвена со сиот свој потенцијал активно да учествува во градењето доверба меѓу пациентите и докторите, во превенцијата на насилството, негово брзо евидентирање, како и во изготвувањето на ефикасен план за справување и системско решавање на проблемот.