Здравствените установи ќе склучуваат петгодишни договори со Фондот
Од први јануари 2014 година ќе важат нови петгодишни, место досегашните годишни договори, со сите 4.000 здравствени установи со кои Фондот за здравствено осигурување потпишува договори. Овие договори содржат новини кои се резултат на преговорите меѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија(ФЗОМ) и претставниците на лекарите, односно Лекарската комора на Македонија (ЛКМ) и Здружението на приватни лекари на Република Македонија (ЗПЛРМ).
Претседателот на ЛКМ, проф. д-р Кочо Чакалароски, на денешната прес-конференција на која официјално беа промовирани новините, истакна дека со ФЗОМ во последниве две години имаат одлична соработка во повеќе области од која бенефит имаат и докторите и пациентите, односно осигурениците. Проф. Чакалароски изрази надеж дека во текот на 2014 година, со помош на Министерството за здравство, Владата и Собранието на Република Македонија, како резултат на една ваква соработка, ќе се донесе и Законот за докторска дејност кој е еден од приоритети за докторите во Македонија.
Директорката на ФЗОМ, Маја Парнаџиева -Змејкова објасни дека договорите ќе се потпишуваат електронски за 30 секунди, при што ќе се заштедат време, човечки ресурси и повеќе од 400.000 страници хартија. Од почетокот на 2014 година постепено ќе се укинува здравствената легитимација и почнува да се воведува електронски дневник и електронски здравствен картон. Според неа, веќе е воведено електронско пријавување и одјавување на осигуреници кај матичен лекар, а во 2014 година преку веб-порталот на Фондот ќе им овозможи на здравствените установи електронско доставување податоци, спецификации и креирање на фактури до Фондот, електронско издавање и заверка на потврди на ортопедски и други помагала, побрза исплата на средствата...
Фондот воведуваат стимулации за докторите во руралните региони - ги зголеми средствата за избраните лекари за секоја скала дополнително по 5.000 денари месечно, односно наместо минимумот 55.000 од јануари ќе исплаќа 60.000, а највисоката скала од 85.000 на 90.000 денари. Има стимулација и за новите избрани лекари од општа медицина и гинекологија – секој нов избран лекар ќе добива 40.000 денари во текот на 18 месеци, во зависност од бројот на пациенти. Ќе има исплата на 100 отсто за превентивни цели за првото тромесечје на секој нов избран лекар, како и стимулација на гинеколозите за што е можно повеќе осигуренички со дополнителни 25.000 денари месечно.
Според д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на ЗПЛРМ, новините се значајни како за работењето на докторите, така и за здравствената заштита што ја добиваат осигурениците.