Во рамките на кaмпањата за донорството на органи
„Кога животот ќе заврши подари живот“ пред матичните лекари во Штип
Во рамките на кампањата за подигање на јавната свест за донирањето органи, Лекарската комора на Македонија и невладината организација „Мактрансплант", на 21 октомври, во салата на општина Штип, одржаа предавање за матичните лекари на кое тие беа информирани за новиот Закон за трансплантација на органи и ткива, како и за тоа како тие може да помогнат во едукација на населението и во создавањето на позитивно јавно мислење за важноста на донирањето органи и развој на трансплантацијата во земјава. Предавачи беа проф. д-р Нинослав Ивановски, д-р Лилија Чолакова Дервишова, д-р Ана Анчевска и Адријана Георгиев од „Мактрансплант", a на предавањето присуствуваше и градоначалникот на општина Штип, м-р Илчо Захариев. На присутните им беа поделени и флаери, како и друг пригоден информативен материјал, со кои се промовира донорството.
Ова е прво од планираната серија предавања за матичните лекари кои се организираат како дел од кампањата за создавање на позитивно јавно мислење за важноста на донирањето органи која под мотото „Кога животот ќе заврши подари живот“, започна во почетокот на месецов, во рамките на одбележувањето на 12 Октомври, Европскиот ден на дарувањето органи. Следното предавање за матичните лекари е планирано да се одржи во Велес.