Почна акцијата за градење позитивно мислење за донирањето органи
Создавање позитивно јавно мислење за важноста на донирањето органи и развој на трансплантацијата во државата, е целта на кампањата под мотото „Кога животот ќе заврши подари живот“, чиј почеток со прес-конференција го најавија Лекарската комора на Македонија и невладината организација Мактрансплант во рамките на одбележувањето на 12 Октомври, Европскиот ден на дарувањето органи. Во наредниот период, како што беше посочено, лекари-специјалисти од Клиниката за нефрологија ќе организираат предавања за матичните лекари на кои ќе ги информираат за новиот Закон за трансплантација на органи и ткива, како и за тоа како тие може да помогнат во едукација на населението. Во рамките на кампањата што се организира во соработка со Здружението на нефролози при МЛД и Универзитетската клиника за нефрологија ќе се подготват и флаери и постери со кои ќе се промовираат донорството и неговото значење.
Претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Кочо Чакалароски истакна дека донирањето органи е највисок чин на алтруизам и дека за созадавањето на позитивно јавно мислење и развој на трансплантацијата многу важна е и довербата во здравствениот систем. "Македонија има многу современ Закон за трансплантација на органи, а последната измена и дополнување овозможува да се користат органите од кадаверични донори доколку не постоело противење за истиот акт", посочи проф. Чакалароски. Ако некој, укажа тој, не сака да биде предмет на дарување орган во случај на негова смрт, треба кај нотар да се запише на анонимна листа на недарители на органи која ќе се испочитува до крај.
"Доколку не е најдена таа листа на потенцијалниот донор тогаш семсјството е тоа кое во крајната истанца ќе одлучи. Ние неможеме да земеме орган доколку наидеме на отпор од страна на семејството", додаде проф. Чакалароски. Според него, Македонија ќе ги користи најсовремените начини за докажување мозочна смрт.
Д-р Игор Николов од тимот за трансплантација од Клиниката за нефрологија истакна дека идејата на кампањата е да се подигне свеста за донирањето и кај лекарите и кај грѓаните, кај пациентите. Во рамки на активностите се подготвени 10.000 постери и 100.000 флаери кои ќе бидат дистрибуирани во ординациите на матичните лекари, како начин за информирање на јавноста.
Според Законот за трансплантација на органи и ткива, освен од жив дарител, како донор на органи може да се јави и лице кое се наоѓа во состојба на мозочна смрт (кадаверична трансплантација). Законот предвидува сите државјани на Република Македонија да се потенцијални донори, а последниот збор за тоа дали ќе се донираат органите го има семејството. Во Македонија засега годишно се прават педесетина трансплантации на бубрези, а како донор се јавува некој близок роднина на пациентот. Кај деца се трансплантира и црн дроб, исто така од роднина. Кадаверичната трансплантација, иако е голема можност, засега останува неискористена. Проценките покажуваат дека годишно во земјата има околу 120 лица кои настрадале во сообраќајна несреќа или заради некоја друга ситуација доживеале мозочна смрт.