Воспоставена соработка со Агенцијата за биомедицина на Франција и со еминентни експерти за трансплантација
Соработка со Агенцијата за биомедицина на Франција, стручна и техничка поддршка за организација и развој на системот за трансплантација и донорство, помош од врвни експерти во воспоставувањето и развојот на трансплантацијата, како и можност за стручно доусовршување на лекари од Македонија во еминентните француски центри за трансплантација. Ова се клучните поенти кои се договорени при посетата на Агенцијата за биомедицина во Франција на делегацијата од Република Македонија, во чии состав беа директорката на ФЗОМ, м-р Маја Парнарџиева Змејкова, претседателот на Лекарска Комора на Македонија, проф. д-р Кочо Чакалароски, проф. д-р Сашо Дохчев - Клиника за урологија, доц. д-р Игор Николов- Клиника за нефрологија и Луиза Јакимовска (ФЗОМ).
Делегацијата оствари значајна средба со генералната директорка на Агенцијата за биомедицина на Франција, г-ѓа Еманануеле Прада-Борденав на која беше презентиран целосниот систем за организација на кадаверична трансплантација и донорство на органи. На средбата беше договорена соработка од непроценливо значење за Р. Македонија и веќе за две недели во Скопје ќе пристигне проф. д-р Оливер Боилор - врвен хирург за трансплантација на црн дроб од Центарот за трансплантација во Лион. Ова е од посебно значење поради фактот што во Македонија се уште не се вршат вакви интервенции, а улогата на проф. Боилор ќе биде во насока на започнување и развој на трансплантацијата на црн дроб од жив дарител во јавниот здравствен сектор и увид во состојбата на капацитетите и кадарот за трансплантација на црн дроб. Најзначајно е тоа што преку воспоставената соработка ќе се обезбеди добра подготовка за идните тимови кои ќе вршат трансплантација на црн дроб од жив дарител или кадавер. Професор Боилор као потврден експерт во оваа област веќе има работено на вакви проекти во други држави каде со голем успех воспоставил и ги развил овие сложени и мултидисциплинарни интервенции.
Агенцијата за биомедицина е подготвена да обезбеди и поддршка за развој на софтверско решение за креирање на листа на чекање за пациенти на кои им е потребна трансплантација на ткива и органи во Македонија.
Во рамките на оваа посета веќе е договорена соработка и со болницата "Sent-Louis" од Париз каде ќе се врши доедукација и обука на македонските хирурзи кои ќе се подготвуваат за вршење на трансплантација на бубрези и панкреас во еден акт. Досега во Македонија успешно се врши трансплантација на бубрези од жив дарител, а во иднина, преку оваа соработка ќе може да се врши и трансплантација на бубрези за пациентите кои се на дијализа, а се инсулин-зависни (дијабетичари) и им е потребно и трансплантирање на панкреас.