По повеќе месечни активности на ЛКМ и преговори со осигурителните компании
"Триглав" со најповолна понуда за осигурување од лекарска грешка
Со цел да се пронајде осигурителна компанија која на здравствените работници-доктори по медицина ќе им понуди најсоодветно осигурување на одговорност од лекарска грешка, во почетокот на годината ЛКМ ги повика да достават понуди сите осигурителните компании и брокерски друштва кои делуваат во Република Македонија и кои се заинтересирани за соработка .
Овие активности Лекарската комора ги презема имајќи го предвид н овиот Закон за Здравствена заштита, со кој секоја Здравствена установа е должна да ја осигура одговорноста на своите здравствени работници од лекарска грешка при вршење на својата професионална дејност во рамките на установата.
На повикот на Лекарската комора одговорија шест осигурителни компании ("Винер осигурување", "Кјуби македонија", "Кроација осигурување", "Еуролинк", "Триглав осигурување" и "Уника"). На изборот на најповолната понуда претходеа обемни и долготрајни анализи и преговори со понудувачите. Тие се одвиваа во консултација со брокерската куќа Safe invest - Скопје која беше ангажирана со оглед на специфичноста на материјата и потребата понудите да се анализираат до најситен детал од експерти од оваа област. Понудите на осигурителните компании ги разгледуваше и анализираше и Комисијата за економско-социјални прашања при Комората. По долготрајни неколку месечни преговори и анализи на понудите, како најповолна е одбрана понудата на "Триглав осигурување АД Скопје". Според Одлуката на Извршниот одбор со неа е постигнато најквалитетно осигурување на докторите од евентуална лекарска грешка.
Со понудата на "Триглав осигурување АД Скопје" е обезбедена максимална сума на осигурување од 250.000 евра за годишна премија од 228 евра. При евентуална утврдена штета осигуреникот учествува со 10 % од износот на утврдената штета. Покрај оваа највисока сума на осигурување, "Триглав осигурување АД Скопје" понуди уште три пониски категории на осигурени суми со што обезбеди можност самите доктори, врз лична проценка за можноста и тежината од евентуална грешка, да го изберат износот на кој ќе се осигураат (прилог табела). Понудата на "Триглав осигурување АД Скопје" за докторите во Република Македонија по многу елементи претставува најповолна осигурителна полиса за доктори во регионот и според осигурената сума и според годишната премија. Овие услови, според брокерите, во никој случај не можат да се обезбедат доколку докторот би се јавил како единка (установа) на пазарот за осигурување. Ова не значи дека докторите не можат да изберат друго осигурување доколку ценат дека тоа им е поповолно.