Заокружени подготовките за спроведување на новото јавно овластување на ЛКМ
Стручниот надзор стартува во Велес и Гостивар
Лекарската комора на Македонија ги изготви обрасците на листи за спроведување на стручниот надзор над стручната работа на здравствените установи и здравствените работници, што како ново јавно овластување Комората го доби со новата законска регулатива. Со дефинирањето на овие обрасци се комплетирани потребните подготовки и документи со кои ЛКМ може и практично да започне со реализацијата на стручниот надзор, согласно Годишната програма за стручен надзор над стручната работа на здравствените установи и здравствените работници што како законска обврска е регулирана со член 296 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012 и 145/2012 година).
Согласно утврдената програма, стручниот надзор ЛКМ го започнува во третата декада на септември со спроведување на стручен надзор над работата на здравствената установа и на здравствените работници во ЈЗУ Општа болница - Велес (понеделник, 23 септември 2013) и ЈЗУ Здравствен дом -Гостивар (вторник, 24 септември 2013). Во тек се и неколку вонредни стручни надзори по барање на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Јавниот правобранител и пациенти.
Комисијата за стручни прашања на ЛКМ формира посебна Работна група која ги изготви овие обрасци врз основа на искуствата во спроведување на стручен надзор и користење на практиката од другите земји. Основната цел за нивно дефинирање е унифицирање на работата на комисиите кои треба да го спроведуваат стручниот надзор над стручната работа на здравствените установи и здравствените работници. За спроведување на стручниот надзор изготвени се три обрасци:
- Образец бр.1 Индикатори за квалитет на здравствена заштита во вонболнички услови / болнички услови;
- Образец бр.2 Показатели за стручен надзор над стручната работа на здравствените установи - персонал – опрема;
- Образец бр.3 Листа за медицинска документација. За докторите на медицина основната во овие обрасци е задолжително познавање и примена на протоколите за работа објавени од страна на Министерството за здравство врз основа на кои ќе се спроведува стручниот надзор над работата на докторите на медицина.
Годишната програма се остварува преку оперативни месечни планирања на Лекарската комора на Македонија. При утврдување на содржината на Годишната програма за стручен надзор над стручната работа на здравствените установи и здравствените работници се поаѓа од надлежностите и организацијата на Лекарската комора на Македонија утврдени со закон. Во Годишната програма за стручен надзор, задачите и одговорностите што ќе се извршуваат се систематизирани во спроведување на стручниот надзор кој опфаќа:
- контрола над стручната работа;
- спроведување на стручните упатства;
- оцена на стручната работа, и
- процена на условите и начинот на укажување на здравствената заштита
Лекарската комора на Македонија преку комисии за стручен надзор ќе врши надзор над стручната работа, спроведување на стручните упатства, оцена на стручната работа и процена на условите и начинот на укажување на здравствената заштита на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност.
Лекарската комора на Македонија ќе врши стручен надзор во:
- здравствени установи на примарно ниво на здравствена заштита за вршење на дејностите од примарна здравствена заштита во Република Македонија, во јавен и приватен сектор;
- здравствени установи на секундарно ниво на здравствена заштита за вршење на специјалистичко-консултативна во Република Македонија, во јавен и приватен сектор;
- болничка здравствена дејност во Република Македонија во јавен и приватен сектор и
- здравствени установи на терцијарно ниво на здравствена заштита во Република Македонија во јавен сектор.
По извршениот стручен надзор, Комисијата за стручен надзор при Лекарската комора на Македонија, составува записник и извештај за надзорот кој во законски рок од 8 дена го доставува до министерот за здравство и до установата во која е извршен надзорот. По разгледувањето на извештајот, министерот за здравство донесува решение.
Согласно член 296 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012 и 145/2012 година), Лекарската комора на Македонија врши стручен надзор над работата на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност и на здравствените работници. Стручниот надзор се врши како редовен стручен надзор и стручен надзор по потреба. Редовниот стручен надзор се врши во рамките на годишниот план за стручен надзор кој го усвојува Извршниот одбор на Лекарската комора на Македонија. Тој по правило се спроведува најмалку еднаш во период од седум години. Усвоениот годишен план се објавува во гласило на Комората веднаш по донесувањето и добиеното одобрување од министерот за здравство.
Стручниот надзор по потреба го врши Комората во посебни случаи, особено кога постои закана за животот и здравјето на пациентите при користење на здравствени услуги и во други случаи кога ќе се појави потреба. Стручниот надзор по потреба се врши на барање на пациент, член на неговото семејство и државни органи.
Лекарската комора на Македонија, ќе го врши стручниот надзор во здравствените установи распределени во осум региони и притоа се води грижа членовите на комисии да не се во конфликт на интереси со здравствената установа и здравствените работници во која се врши надзор. Редовниот стручен надзорот го спроведуваат комисии составени од три членови, додека, пак, вонредниот стручен надзор го спроведуваат комисии составени од пет членови. Надзорот се спроведува за еден ден, со исклучок кога тој може да трае и подолго, земајќи ја во предвид големината на здравствената установа и обемот и сложеноста на работа.