Комората со свој инфо-штанд на конгресите
Лекарската комора на Македонија на V конгресот на дерматовенеролозите на Македонија со меѓународно учество, што од 4 до 7 септември се одржа во Охрид, за прв пат постави и свој информативен штанд на кој можеше да се добие информативен материјал кој е од полза за докторите, но и да се дадат идеи, предлози и забелешки за нејзината работа како професионална докторска асоцијација со јавни овластувања. Со ваквата практика на директно присуство Комората ќе продолжи на сите стручни конгреси што се одржуваат во земјава кои се акредитирани од Лекарската комора.
На овој начин, Комората како професионална асоцијација ќе настојува да се доближи до членството. Од една страна, преку флаери, брошури, печатени материјали и други форми ќе ги информира лекарите за активностите на Комората и за други актуелни прашања. А од друга страна, пак, ќе го сондира интересот на лекарите, прашањата и областите кои за нив се од посебно значење. Предвидено е овие инфо - штандови на Комората наскоро да бидат опремени и со "читачи" со кои на учесниците на конгресите електронски ќе им се евидентираат бодовите за КМЕ.