На 5 јуни во Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје
Свечено одбележан денот на Лекарската комора на Македонија
Со свечен собир, на 5 јуни, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје, се одбележа денот на Лекарската комора на Македонија, поточно годишнината од нејзиното основање, односно возобновување, пред 21 година, како самостојна професионална асоцијација на докторите по медицина. Во присуство на голем број доктори на медицина, академици, претставници на коморите и на медицинските факултети, претставници на дипломатскиот кор, како и голем број гости, присутните ги поздрави претседателот на Комората, проф. д-р Кочо Чакалароски.
Според него, одбележувањето на годишнината од основањето, односно од возобновувањето на Лекарската комора на Македонија е значаен јубилеј за докторите како професионалци, за нивната асоцијација која во изминатите 21 година направила многу, но дека пред неа е уште долг пат за таа да го добие вистинското место во општеството. Тој нагласи дека претстојат уште многу нови предизвици да се направи се она што би сакале и оправдано го очекуваат докторите и пошироката зедница во Македонија.
" Како самостојна и професионална организација на докторите по медицина, здружени заради заштита и унапредување на стручноста, етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, за следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, како и заради заштита на интересите на лекарската професија, но и на граѓаните, Комората во изминатиов период се обидува да се наметне како вистински партнер во општеството и во креирањето на здравствените политики. Покрај редовните активности, Комората во изминативе години преку свои претставници активно учествуваше во работата на многу органи и тела на државата. Во таа насока и овој пат ќе нагласиме дека Комората е подготвена да биде партнер при подготвувањето на решенија на проблемите, меѓутоа со достоен респект и почитување на нејзините предлози. Тоа не исклучува дискусија, стручна полемика и расправа со аргументи. Потсетувам дека Лекарската комора отсекогаш била принципиелна, кооперативна и отворена за соработка ", истакна претседателот Чакалароски.
Во својата реч тој се осврна и на приоритетите што претстојат во делувањето на Комората.
"Во изминатава година, како што е познато, со новиот Закон за здравствена заштита, Комората доби уште едно јавно овластување - стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници. Со него треба да се обезбеди соодветна стручност и компетентност на здравствените работници во давањето на здравствените услуги и подобрувањето на квалитетот на здравствената заштита. Ни малку лесно, а премногу одговорно овластување околу кое треба да се расчистат одредени недоречености и дилеми ", нагласи претседателот на Комората. Тој како новина го издвои и партнерството на Лекарската комора со Министерството за здравство и со Медицинскиот факултет од Скопје во основањето на првиот Медицински симулациски центар во кој ќе се одвива дел од процесот за стекнување на практични вештини, полагање на практичниот дел од стручниот испит, а со помош на најсовремената опрема се очекува да се обезбеди и квалитативен исчекор во едукацијата, знаењата и вештините на сите доктори на медицина, специјалисти и супспецијлисти .
Како актуелна и осбено важна тема за Комората, според проф. Чакалроски, останува системот за наградување на докторите и воведувањето на плаќањето по успешност. Тој и во оваа пригода го повтори ставот на Комората која како професионална асоцијација се залага за адекватно и реално вреднување на докторите според извршената работа. Во рамките на соработката со Министерството за здравство на ЛКМ, претседатлот Чакалроски ги издвои проектите со кои се овозможува реномирани доктори од одделни медицински области од странство да бидат ангажирани како едукатори на нашите доктори и да можат тоа да го реализираат преку практична работа во нашите здравствени установи.
" Тежнеејќи кон остварување на партнерски односи со здравствените власти, вложивме и ќе продолжиме да вложуваме сериозни напори во разрешување на проблемите во примарната здравствена заштита и подобрување на положбата на матичните доктори како база во здравствениот систем ", рече проф. Чакалароски. Како приоритети за Лекарската комора во натамошниот период тој ги издвои донесувањето на Законот за доктори, заложбите за осигурувањето на докторите од стручна грешка под најповолни услови, медијацијата, односно посредувањето при евентуални конфликти на интереси меѓу докторот и институциите, докторот и пациентот, односно граѓанинот без да се навлегува во ингеренциите на државните органи, настојувањата да се обезбеди бесплатна или субвенционирана правна помош на членството во случај на судска постапка или при друга потреба. Во таа функција, како што рече проф. Чакалароски, е и ангажирањето на бесплатен правен консалтинг за потребите на докторите.
"Ни претстојат и склучително обемни работи во реализација на започнатите реформи во сите сегменти на здравството и продолжување на соработка со институциите на системот, а се иницираат и одредени измени на Статутот на лекарската комора кои ќе соодвествуваат на актуелните општествени состојби. Да не ја изумиме и меѓународната соработка на ЛКМ со коморите од Централна и Југоисточна Европа, како и коморите од регионот. Би ја нагласил и неопходноста од продлабочување на веќе воспоставените односи на соработка со сродните меѓународни асоцијации и другите сродни асоцијации во земјава и странство . Неспорно е дека е направено многу, но дека пред нас се и нови предизвици. Несомнено, реализацијата на нашите заложби нема да биде ни лесно ни едноставно, ни брза. Но, непобитен факт е дека Лекарската комора на Македонија во изминатиов период се изгради како респектабилна професионална асоцијација ", потенцираше проф. Чакалароски.
Во рамките на Свеченоста, како признание за особени постигнувања во областа на здравството највисокото признание на Л eкарската комора на Македонија, Плакетата "Св. Наум Охридски " му беше врачена на годинешниот лауреат, академик Владимир Серафимоски.
Со оценка дека се истакнале во својата работа, со совесно и одговорно извршување на лекарската професија, се стекнале со доверба кај пациентите, имале добра соработка со колегите, доследно придржувајќи се кон принципите на медицинската етика и Кодексот на медицинската деонтологија, посебни Благодарници на Лекарската комора добија д-р Никола Николовски, д-р Шерјат Мухареми, д-р Јован Попоски, д-р Антони Делиниколов и д-р Тодорчо Пелтековски. Посебна Благодарница на ЛКМ им беше доделена и на претставници на Амбасадата на САД.
Со пригодна рече на присутните им се обрати лауреатот, академик Владимир Серафимоски кој се заблагодари на наградата, која, како што рече, особено му е драга затоа што е признание од колегите.