Плакетата “Св. Наум Охридски” за академик Владимир Серафимоски
Добитникот на највисокото признание на Лекарската комора на Република Македонија, Плакетата "Св. Наум Охридски " годинава е академик Владимир Серафимоски. Наградата академик Серафимоски ја добива во знак на признание за особени постигнувања во областа на здравството, истакна претседателот на Комисијата за награди, д-р Ацо Николов, кој потенцираше дека , водени од основните постулати што ги пропишува Правилникот за наградата, членовите на Комисијата во академик Владимир Серафимоски препознаа доктор кој се истакнал во совесно и одговорно извршување на лекарската професија, кој остварил особено добри резултати при лекувањето на пациентите и се стекнал со доверба и популарност кај нив, воспоставил добра соработка и однос со своите колеги, не истакнувајќи ги притоа своите лични амбиции и квалитети и не злоупотребувајќи го своето влијание, доследно придржувајќи се кон принципите на медицинската етика и Кодексот на медицинската деонтологија.
Академик Владимир Серафимоски е редовен професор, специјалист, гастроентерохепатолог, вработен во Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија во Скопје. Долги низ години работи на унапредување и високиот рејтинг на македонското здравство со својот несебичен ангажман остварувајќи притоа можности на сите колеги да се усовршат во својата област .
Академик Серафимоски e роден во Гостивар, на 3 јуни 1948 година . Медицински факултет заврши во Скопје во 1971 година каде што докторирал 1983 година. Од 1995 година е редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје на Катедрата по интерна медицина. Од 1977 година кога ја воведува дијагностиката со ултразвук во Македонија и на подрачјето на регионот на некогашна Југославија континуирано се занимава со унапредување на ова поле на гастроентерохепатологијата со воведување нови методи во дијагностиката, како што се доплер техники (доплер и колор доплер), ендосонографија, како и интервентен ултразвук со што не само што одејќи во чекор со европските и светските трендови во унапредување на гастроентерохепатологијата во државава и регионот, туку овозможи навремена и прецизна дијагостика и лекување на голем број на пациенти.
Познат е по својот коректен однос кон своите колеги, но и по неговиот професионален однос, при што секогаш се придржувал на медицинската етика и Кодексот на медицинска деонтологија. Користејќи го своете знаење и богато искуство сите овие години на работа, овозможи едукација на голем број студенти, специјализанти и супспецијализанти од Македонија, како и земјите од регионот.
Предлогот за доделување на Плакетата „Св. Наум Охридски“ на академик Владимир Серафимоски го дадоа неговите колеги, поточно Општинската организација на ЛКМ- Центар 2. Тие сметаа дека академик Владимир Серафимоски со својата работа и сета досегашна активност на професионален план, со право може да се вброи во списокот на добитници на највисокото признание на Лекарската комора на Македонија. А наградата и признанијата од колегите несомнено се посебни. Тие се големо признание, пред се, затоа што доаѓаат од оние кои најдобро ја разбираат вашата работа, знаат на најдобар можен начин да го ценат вашиот труд, напор и залагање, најкомпетентен е судот на оние што го изодуваат вашиот пат.