Поради недозволена дополнителна дејност времено одземена лиценца за работа
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската Комора на Македонија на својата седница одржана на 27.05.2013 година го разгледа барањето од Министерството за здравство за времено одземање на лиценца за работа на доктор на медицина кој вршел дополнителна здравствена дејност, како што наведува Министерството, „без исполнување на условите од член 223 од Законот за здравствена заштита“.
Членовите на Комисијата по разгледувањето на барањето и приложената документација донесоа одлука со која на докторот на медицина времено му се одзема лиценцата за работа во траење од 30 дена. При донесувањето на одлуката, беа земени предвид наводите во барањето, но и другите околности за определување на времетраењето за кое се одзема лиценцата за работа. При тоа се имаше во предвид дека докторот на медицина бил посветен на работата на работното место, вршејќи значаен обем од услуги во дејноста и дал голем придонес во работењето на здравствена установа во која е вработен. Исто така, Комисијата ги имаше во предвид и потребите и интересите на пациентите, при определувањето на времетраењето за времено одземање на лиценцата за работа на докторот на медицина, дотолку повеќе што станува збор за дефицитарен медицински кадар во земјата.