Забелешки, предлози и сугестии по Јавниот повик за концесии во ПЗЗ и за бројот на тимови во установа
Разгледувајќи го Јавниот повик за доделување на концесии за вршење на здравствена дејност од областа на општа медицина на ниво на примарна здрвствена заштита, објавен во „Сл. Весник на РМ„ бр. 110/2012, Лекарската комора на Македонија констатира повеќе недостатоци. Со официјален допис до Министерството за здравство, Комората ги апострофира евидентираните заблешки, даде предлози и сугестии за надминување на недостатоците во Јавниот повик, а укажа и дека дека законската и подзаконска регулатива не содржи ограничувања по однос на бројот на тимовите и бројот на избраните лекари, кои можат да бидат ангажирани, односно вработени од страна на една приватна здравствена установа во областа на примарната здравствена заштита.
Во писмото се акцентира дека:
-
Јавниот повик е распишан согласно член 316 став 3 од Законот за здравствената заштита („Сл. Весник на РМ„ бр. 43/2012) според кој право на учество на Јавниот повик имаат само новоосновани приватни здравствени установи во примарната здравствена заштита. Ваквата одредба од Законот, по наша оценка е дискриминаторска и ги става во нерамноправна положба постојните приватни здравстени установи од областа на општа медицина на ниво на примарна здравствена заштита, со што се нарушуваат основите на економските односи вградени во Уставот на РМ, според кои Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Ова дотолку повеќе ако се има во предвид дека Законот не содржи ограничувачки одредби според кои приватните здравствени установи на ниво на примарна здравствена заштита не можат да бидат носители на две или повеќе концесии, особено ако за наредните концесии ангажираат нови тимови.
Сепак, Лекарската комора на Македонија не ја спори потребата и целисходноста од доделување на концесија на новооснованите приватни здравствени установи. Меѓутоа, укажува на потребата од дополнување на член 316 став 3 во насока да се определи временска рамка, односно да се прецизира рокот до кога оваа одредба ќе се применува, со што по истекот на определениот рок ќе се обезбеди еднаква положба на сите приватни здравствени установи во поглед на правото на аплицирање за добивање на концесија. -
Во однос на бројот на тимовите, а оттука и на бројот на избраните лекари, кои можат да бидат ангажирани, односно вработени од страна на една приватна здравствена установа во областа на примарната здравствена заштита, укажуваме дека законската и подзаконска регулатива не содржи ограничување. Имено, согласно член 3 од Уредбата за мрежата на здравствени установи („Сл. Веснок на РМ„ бр. 43/12) со мрежата на ниво на примарна здравствена заштита, меѓу другото, се одредуваат и максималниот број на тимови од примарна здравствена заштита, како и демографските нормативи за мрежата на примарна здравствена заштита.
Оттука, во случај ако бидат исполнети претходно наведените услови, нема никаква пречка од страна на една приватна здравствена установа на ниво на примарна здравствена заштита да бидат ангажирани и вработени два или повеќе тима, односно избрани лекари.
Востановувањето на ваква пракса не значи заобиколување и/или непримена на законските одредби за концесија, со оглед дека носители на концесија не се тимовите, туку правните лица-приватните здравствени установи, кои со цел за вршење на концесиската дејност може да ангажираат два или повеќе тимови, а со тоа два или повеќе избрани лекари, под услов да ги исполнуваат претходно наведените демографски услови, односно со таквото ангажирање да не се надминува вкупниот број на тимови во мрежата на ниво на примарна здравствена заштита.
Имајќи го предвид наведеното, му предлагаме на Министерството за здравство, по повод барањето на мислење од страна на ФЗО, да заземе став, според кој од страна на постојните здравствени установи, во рамките на веќе добиената концесиска дејност, ќе може да бидат ангажирани и дополнителни тимови, односно избрани лекари со кои установата ќе работи со цел за поефикасно вршење на концесиската дејност, доколку бидат исполнети претходно наведените услови, со што воедно ќе се обезбеди и поуспешување на политиката за нови вработувања.
Ова значи дека под наведените услови ФЗО може да склучи анекс кон договор со постојна приватна здравствена установа за ангажирање на нов тим. Исто така, врз основа на наведенето, а особено имајќи предвид дека носител на концесијата на ниво на примарна здравствена заштита е приватната здравствена установа не е спорно дека факсимилот може и треба да и се издаде на установата.