Нема основа за поведување постапка за докторката од „Ѓорче Петров“
Постапувајќи по барањето на Министерството за здравство со број 07-6850/1 од 22.08.2012 година за " за испитување на условите за времено или трајно одземање лиценца за работа на здравствениот работник заради неукажување на медицинска помош на лице во животно загрозувачка состојба" во непосредна близина на Поликлиниката Ѓорче Петров - Скопје каде докторката за која се однесува барањето работела во дежурна амбуланта, Судот на честа оцени дека нема основа за поведување на постапка за времено или трајно одземање на лиценцата за работа на здравствениот работник , бидејки нема повреда на одредбите од Кодексот на медицинската деонтологија.
Ваквиот заклучок е базиран врз основа на :
- Извештај од Комисијата за вршење на надзор над стручната работа на Здравствен дом, Поликлиника Ѓорче Петров, формирана од Министерството за здравство;
- Изјавата од здравствениот работник,
- Изјави од сведоци
- Мислење и заклучок од Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора на Македонија.
Лекарската комора на Македонија и во оваа прилика апелира на неопходноста да се почитува пресумпција на невиност и да се избегнува практиката за објавување на комплетните имиња и презимиња на доктори за кои се поведува постапка за наводни сомненија за сторени кривични дела во здравството пред покренувањето на официјални обвиненија .
Сметаме дека овластените институции на системот без влијанија и притисоци треба да си ги извршуваат своите задачи. Ваквите појави внесуваат голема конфузија и го рушат угледот и достоинството на докторите. Секое објавување на името на оние за кои е покрената истражна или друга постапка е прејудицирање на вината и со право може да се смета дека е директен притисок врз надлежните институции.
Комората го подржува навременото, објективното и аналитичко информирање на јавноста за сите настани и појави во здравството, но не и предвремената јавна осуда на инволвираните лица и институции, поаѓајќи од неприкосновеното правило за тоа дека секој е невин додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен.