Лекарската комора на Македонија одбележа 20 години постоење
“Македонските лекари со својата професионалност, посветеност, хуманост и етичност се пример за другите професии. Нивната стручност и вештина покажува дека во Република Македонија може да се добијат адекватни и квалитетни здравствени услуги”, рече Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето по повод 20-годишниот јубилеј на Лекарската комора на Македонија што со пригодна свеченост се одржа на 27 јуни оваа година во Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје. Во Република Македонија, додаде Претседателот Иванов, кој беше и покровител на свечената манифестација, интензивно се работи на реформите во здравството кои бараат особена посветеност и вклученост на лекарите како најважна алка во системот на здравствена заштита.
Според Претседателот Иванов, Лекарската комора како самостојна и професионална организација на докторите по медицина, има особено значајна улога во остварувањето на правата и заштитата на нејзините членови, како и во унапредувањето на здравствената заштита. Досегашната работа и бројката од околу 7000 лиценцирани доктори се несомнен показател за нејзината успешност и за постигнувањата.
На свечената седница, покрај голем број доктори, присуствуваа и министерот за здравство, Никола Тодоров, ректорот на УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски, претставници на медицинските факултети, на коморите, на Фондот за здравствено осигурување, проф. д-р Јован Тофоски, претседател на Македонското лекарско друштво, голем број гости ...
На почетокот присутните ги поздрави претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф. д-р Кочо Чакалароски. Во поздравната реч тој истакна дека повод за овој Свечен собир е исклучително значаен - 20 години од востановувањето, односно од возобновувањето на Лекарската комора на Македонија. Според него, значаен јубилеј, но секако и можност да се оценат достигнувањата, да се осврнеме на постигнатите резултати, да видиме каде сме биле, каде сме сега, да го истакнеме сработеното, да ги воочиме слабостите и пропустите, да видиме што ни останало недоработено, што ни претстои и кои се нашите приоритети.
“Идејата за формирање Лекарска комора е родена во Македонското лекарско друштво. На 5 јуни 1992 година во големата сала на денешната Градска болница „Осми септември“ свечено беа удрени темелите на Лекарската комора на Македонија. Нејзиното формирање имаше за цел да го подигне дигнитетот, професионалноста, економската моќ и стандардот на докторите. Идеите и ентузијазмот не ни недостигаа. Низ изминативе две децении Лекарската комора на Македонија како професионална асоцијација имаше и подеми и падови. Поддршка-не секогаш! Меѓутоа, непобитен факт е дека Лекарската комора на Македонија во изминатиов период се изгради како респектабилна професионална асоцијација. Дваесет години не е кус период, но не е ни период во кој може да се направи се она што би сакале и оправдано го очекуваат докторите во Македонија ”, рече д-р Чакалароски.
Во својата реч тој се осврна и на новите предизвици.
“Со Законот за здравствена заштита од неодамна на Комората и е отстапено уште едно јавно овластување - стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници. Со него треба да се обезбеди соодветна стручност и компетентност на здравствените работници во пружањето на здравствените услуги и подобрувањето на квалитетот на здравствената заштита. Ни малку лесно, а премногу одговорно овластување. Донесувањето на Законот за доктори останува клучен приоритет на кој и натаму ќе инсистираме ”, истакна претседателот на Лекарската комора.
Според него, заложба на Комората како професионална асоцијација е сите доктори, без оглед на тоа каде работат, да бидат осигурани од стручна грешка, а во тој контекст потребно е да се изнајде и начин за бесплатна или субвенционирана правна помош на членството во случај на судска постапка или при друга потреба. ЛКМ, како што рече Чакал aр oски, треба да посредува и при евентуални конфликти на интереси меѓу докторот и институциите, да има улога на арбитер без да навлегува во ингеренциите на Министерството, односно ЛКМ секаде и во секој момент како приоритет ги има интересите на докторите, угледот, материјалниот статус и социјалната положба на лекарите.
Јубилеите се и можност да се оценат достигнувањата, да се бележат резултатите, да се наградат најуспешните...
Плакетата “Св. Наум Охридски”, највисокото признание на Лекарската комора на Македонија ја доби примариус д-р Загорка Рајчановска, специјалист педијатар од Здравствениот дом во Неготино.
Со Златна плакета на Лекарската комора на Македонија за посебен придонес во развојот на Комората и коморското работење е награден проф. д-р Алексеј Дума, а со Сребрени плакети проф. д-р Владимир Борозанов, д-р Страшо Наумоски, д-р Живко Даскаловски, проф. д-р Магдалена Жантева –Наумоска, д-р Миодраг Милутниновиќ, д-р Салих Ќерими, д-р Стоје Стојмановски, д-р Идриз Орана, како и проф. д-р Катица Зафировска и проф. д-р Спасе Јовковски.
Пригодна реч имаше и лауреатот на Плакетата “Св. Наум Охридски”, прим. Д-р Загорка Рајчановска, а во името на наградените на Свечениот собир се обрати и проф. д-р Алексеј Дума.
Телеграми со честитки по повод јубилејот на Лекарската комора на Македонија пристигнаа и од лекарските комори на Србија, Хрватска, Австрија, Германија и Албанија, како и од повеќе други домашни и странски професионални асоцијации и здруженија.