„Св. Наум Охридски“ за прим. д-р Загорка Рајчановска
Добитник на наградата „Св. Наум Охридски“, престижното признание на Лекарската комора на Македонија кое се доделува за особени постигнувања во областа на здравството, годинава е прим. д-р Загорка Рајчановска (1952) од Неготино. Како специјалист педијатар, д-р Рајчановска повеќе од три децении е посветена на својата професија и Хипократовата заклетва. Таа е доктор кој се истакнува со совесно и одговрно извршување на лекарската професија, остварува особено добри резултати во работата и има стекнато доверба и популарност кај пациентите, воспоставила добра соработка со своите колеги...
Основно и средно образование д-р Рајчановска стекнува во Битола, а дипломира на Медицинскиот факултет во Софија, Бугарија. Во 1992 година специјализира педијатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје.
Д-р Загорка Рајчановска како специјалист педијатар е вработен a во Здравствен дом Неготино, има богато работно искуство од над 34 години во областа на превенирањето, дијагностицирањето и лекувањето на болестите кај луѓето. “Во последните 20 години таа им е посветена на децата и нивното здравје. Најхумано, најпрофесионално и најодговорно е посветена на докторската дејност. Во својот работен век со голем ентузијазам и љубов водела амбуланта со прифатилиште, работела во дежурна служба, по селски пунктови, повремено во Здравствената станица Демир Капија. Во својата работа, д-р Загорка Рајчановска имплементирала многу современи техники и процедури. А ктивно е вклучена во полето на здравственото воспитување на жените, мајките, учениците, младината, организира голем број предавања, настапи во медиумите за различни области од медицината. Прим. д-р Загорка Рајчановска е долгогодишен активист во работата на општинската организација на Црвени Крст и крводарителните акции’, истакна д-р Лидија Андонова – Панчевска, член на Комисијата за награди на Лекарската комора на Македонија.
Од 1992 година е раководител на Одделот за здраво дете, а до 2010 година го водеше родилиштето во ЈЗО Неготино. Активист е проектот за поддршка на доењето организиран од UNICEF и координатор за доење во општина Неготино. Прим. д-р Загорка Рајчановска ја карактеризира нуморност, хуманиот и професионален однос и коректност не само кон пациентите, туку и кон персоналот, колегите, претпоставените. Секогаш одговара на сите повици од пациенти, колеги, секогаш е подготвена да помогне. Добитник е на повеќе признанија, благодарници, дипломи... Автор е на над 50 и коавтор на над 30 труда.
Предлогот за доделување на Плакетата „Св. Наум Охридски“ на прим. д-р Загорка Рајчановска го дадоа нејзините колеги, поточно Општинската организација на ЛКМ - Неготино. Тие се едногласни дека со својата работа и сета досегашна активност на професионален план, но и во лекарските и невладините асоцијации и организации прим. д-р Загорка Рајчановска со право може да се вброи во списокот на добитници на највисокото признание на Лекарската комора на Македонија - Плакетата „Св. Наум Охридски“.