ПРЕСТАВНИЦИ НА ЛКМ ОСТВАРИЈА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО
Претседателот на Лекарската комора на Македонија проф. д-р Кочо Чакалароски и неговите соработници, с оочувајќи се со одговорноста пред членовите на Лекарската комора на Македонија, но и пред целокупната јавност, а врз основа на мандатот што го имаат, денес остварија работна средба со министерот за здравство г-дин Никола Тодоров по повод стартот на имплементацијата на проектот за плаќање по успешност од 1 јули годинава.
Во исклучително конструктивна атмосфера, министерот Тодоров ги презентираше основните постулати врз кои се базира воведувањето на оваа новина, која во својата суштина, како што објасни Министерот, нема за цел да казнува, туку пред сé, да го стимулира работењето и адекватното наградување на вложениот труд.
Основата на целиот концепт е дека докторите имаат загарантирана плата од 100 проценти на почетокот на месецот, а на крајот на месецот оние кои најмногу се залагале и постигнале најдобри резултати ќе бидат наградени со зголемување на платата до 20 проценти за тој месец.
Докторите кои со помал обем ги извршувале работните задачи во однос на нивните колеги, може да бидат казнети со намалување на платата до 20 проценти. Но, претходно директорот има обврска најдоцна до 15-ти во месецот да ги опомене за тоа и во исто време да им овозможи да го надокнадат она што го пропуштиле. Поинаку кажано, се стимулира конкуренцијата помеѓу докторите од иста специјалност (на пример помеѓу интернисти, невролози и сл.) во иста јавна здравствена установа. Во суштина, докторите треба да продолжат со досегашната рутинска работа, но сработеното треба електронски да го евидентираат.
Докторите сами ги определуваат бодовите за остварените здравствени услуги по даден профил., а не Министерството. Тие определуваат која интервенција со колку бодови ќе се вреднува. Нема однапред дадени норми. Пресметувањето на успешноста во работењето ќе се прави месечно според бројот на пациентите, обемот и видот на здравствените услуги на ниво на ЈЗУ.
Договорено е да се интензивира соработката со Лекарската комора на Македонија, која со своите интелектуални и стручни капацитети е подготвена да помогне во усогласувањето на ставовите помеѓу М инистерството за здравство и Комората .
Лекарската комора на Македонија, како професионална и стручна асоцијација, во целост ги поддржува реформските заложби за подобрување на системот, подигањето на квалитетот на здравствените услуги, а во тие рамки и подобрување на статусот и наградувањето на докторите, пред сé , водејќи се од потребата за поадекватно вреднување на трудот на докторите.
На средбата Министерот Тодров најави дека овој концепт етапно ќе се воведува и за другите вработени во здравствениот сектор, односно дека плаќањето по успешност ќе биде основен критериум со кој ќе се стимулира работењето и адекватното наградување според вложениот труд.
Приватните доктори со години наназад функционираат согласно принципот на успешност во работењето.