Предлог-уредбата за мрежата на здравствени установи бара сериозна квалитативна преработка
Со оглед на тоа дека се работи за исклучително значаен документ од кој ќе произлезат идните потреби за вработувања, концесии и развој на одредени сегменти на здравствениот систем, Лекарската комора смета дека предлог-уредбата треба да претрпи квалитетна преработка како би се оневозможила било каква грешка во сегментот кој е од витален интерес за сите граѓани на Република Македонија, како од аспект на оставање можност за необезбедена здравствена заштита, така и од аспект на нерационално трошење на здравствениот денар.
Затоа ја нагласуваме важноста за научна и стручна преработка, верификувана од надлежни институции, во соработка со стручните здруженија, поткрепени на медицина базирана на докази и стручни дебати. Со надеж дека нашите забелешки ќе бидат најдобронамерно прифатени, ЛКМ уште еднаш ја нагласуваме желбата за заедничка соработка со здравствените власти
Во врска со понудената предлог-уредба за Мрежата на здравствени установи, Лекарската комора на Македонија потсетува дека долги години наназад настојуваше таа да се дефинира и донесе и затоа првично ја поздрави намерата за нејзино дефинирање.
Истовремено, Лекарската комора покажуваше и покажува подготвеност да учествува како партнер, заедно со другите заинтересирани еснафски здруженија во изработката на сите базични документи кои се столб на македонското здравство, со цел да се обезбеди квалитетна здравствена заштита, безбедност на осигурениците и економска одржливост на здравствениот систем на Република Македонија и секако подобра севкупна положба на лекарите и другите здравствени работници како носители на дејноста.
ЛКМ изразува жалење и негодување што таа, како и другите еснафски релевантни здруженија не беа повикани транспарентно и врз стручна и научна основа да дадат придонес во изработка на овој, по Законот за здравствена заштита, најважен документ. На мислење сме дека транспарентна дебата би одела во прилог на подобрување и превенирање на нејаснотиите. Уште повеќе, што рокот во кој се бара наше мислење и забелешки е сосема несоодветен и прекраток за ваков сериозен документ. Сепак, организиравме расправа со членови од работните групи.
Комората смета, како прво, дека пред да се утврди мрежата на здравствени установи, треба врз научна основа да се изготват и образложат јасни стандарди и нормативи за потребен број на тимови во одредени специјалности (и тоа задолжително за сите специјалности во Република Македонија), за потребен број на болнички кревети, односно за секој сегмент од здравствениот систем, кои ќе гарантираат здравствена безбедност на секој граѓанин, како што е предвидено со Законот за здравствена заштита. Доказ дека се користени научни методи треба да даде Институтот за јавно здравство, Институтот за социјална медицина и други, кои располагаат со потребни податоци, неопходни и согласни со сите прописи од областа на здравствената евиденција. Стручните здруженија треба да ја гарантираат нивната стручна веродостојност и издржаност, со споредбени анализи од светските искуства и наши специфики. За жал, тоа го нема во доставената предлог - уредба за Мрежата на здравствени установи.
Поради ограничениот рок, Лекарската комора не може да се произнесе по предлогот.
Во материјалот што ни е доставен не најдовме образложенија и објаснувања за начинот како се изготвувани и врз основа на што се предложени овие стандарди и критериуми и врз основа на кои параметри се изведени. Се чини дека од она малку што се наѕира, појдовните податоци се многу несигурни и застарени.
На самиот почеток на материјалот се дадени критериуми за покриеност на населението со здравствена заштита во одредени области, но тој воопшто не кореспондира со понатамошниот материјал. Не може да се заклучи колку тимови има во примарната т.е. колку специјалисти има во специјалистичката/терцијалната здравствана заштита, бидејќи во продолжение има листа на здравствени установи од кои не може да се види колку тимови и/или специјалисти има вработено во нив.
Предложениот основен демографски норматив за мрежата на примарна здравствена заштита за општа медицина составен од еден избран лекар и една медицинска сестра на 1. 000 жители е несоодветен, нејасна е неговата примена бидејќи мрежата на примарно ниво е веќе направена од страна на граѓаните, кои со Законот за здравствена заштита имаат право на избор на матичен лекар. Во такви услови Министерството за здравство ја верифицира сегашната состојба, а норматив може да постои само таму каде што треба да се интервенира во непокриени места, за што секако треба да се применат стимулативни мерки. Норматив за ПЗЗ е ограничувачки и е спротивен на Правилникот за избор на лекар.
Недостасува критериум за географска дистрибуција на мрежата, бидејќи не можат исти услови да важат за рурално и урбано подрачје. Оптовареноста треба да се разликува, здравствената мрежа треба да овозможи соодветна географска и демографска дистрибуција.
Посебно би ја нагласиле потребата нормативите да се утврдат за сите специјалности без исклучок, што не е случај во понудениот материјал. Имено, изоставени се одредени специјалности, како што се: васкуларна хирургија, торакална хирургија, детска хирургија, дигестивна хирургија, неврохирургија, пластична хирургија, трауматологија, судска медицина, трансфузиологија, спортска медицина, ургентна медицина, патологија, медицина на труд ( како пример предлагаме стандарди за две специјалности кои ги нема во стандардите, а кои се утврдени и тоа за специјалноста патологија, еден тим лекар специјалист и лаборант на 35,000 жители, за медицина на труд - тим лекар и сестра на 10,000 жители; овие примери, се дадени после претходна консултација со струката и така треба да се утврдат за сите останати специјалности).
Во врска со дефинирањето на тимовите мора да се истакне и спецификата која постои кај одредени специјалности. На пример кај биохемиските лаборатории каде една биохемиска лабораторија на ниво на примарната здравствена заштита треба да се утврди со еден специјалист по медицинска биохемија и минимум еден лаборант до 18,000 жители односно два или повеќе лаборанти за над 18,000 жители. Исто така, потребно е да се земе предвид и спецификата за специјалноста физикална медицина, каде што на еден лекар е потребен поголем број здравствени соработници (2-3).
Воопшто не е утврден бројот на постели за болни од акутни и хронични болести.
Понудениот материјал изобилува со мноштво од неточни податоци од типот на погрешно утврдени тимови, болнички постели, а целосно се изоставени ЈЗУ ( Медицински факултет при УКИМ, ЗУ Поликлиника на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, ЈЗУ ЗД Железничар, ЈЗУ ЗД Железара...), што се гледа со компарирање на податоците добиени од Институтот за јавно здравје и ФЗОМ.
За да се дефинира мрежа, цениме, треба да се утврди прво листа на услуги кои ќе ги обезбедува секој вид на здравствена установа и/или специјалист, како норматив и стандард на кадар, простор, опрема и време. Само така може да се пресмета кои и колку услуги еден тим може да сработи во текот на одреден временски период а според дадениот податок за покриеност да се види колку тимови/специјалисти и требаат на државата.
Значи, неопходно е да се дефинира листа на услуги кои ги покрива осигурувањето, норматив на кадар, простор, опрема, време...
Не може да се дефинира мрежа ако не се знае што Фондот за здравствено осигурување му признава како услуга на пациентот. Се поставува прашање, зошто да се формира мрежа на установи за услуги кои не ги покрива Фондот?
Не може да се утврди мрежа без да се дефинираат горните лимити или максималниот број на услуги кои еден пациент може да ги користи. На пример, колку пати пациентот може да користи лабораториски услуги. Се разбира дека се тоа просечни броеви базирани на вкупниот морбидитет и морталитет во државата, но треба јасно да се знае колкав е капацитетот на мрежата.
Фондот за здравствено осигурување мора задолжително да обезбеди финансирање на здравствената мрежа, бидејќи е тоа негова основна задача. Лекарската комора не се согласува со оставање на можност за интерна пренамена на средствата на Фондот, тоа предизвикува чувство на несигурност, можност одредени здравствени услуги да се запостават или фаворизираат, а на граѓаните мора да се обезбедат сите услуги.
Фондот исто така треба да ги гарантира обезбедените средства во еден подолг временски период од една година, треба да понуди повеќегодишни договори, врз основа на концесии склучени на подолг рок од една година со целисходно дефинирани услови.
Со оглед на тоа дека се работи за исклучително значаен документ од кој ќе произлезат идните потреби за вработувања, концесии и развој на одредени сегменти на здравствениот систем, Лекарската комора смета дека предлог-уредбата треба да претрпи квалитетна преработка како би се оневозможила било каква грешка во сегментот кој е од витален интерес за сите граѓани на Република Македонија, како од аспект на оставање можност за необезбедена здравствена заштита така и од аспект на нерационално трошење на здравствениот денар.
Затоа уште еднаш ја нагласуваме важноста за научна и стручна преработка, верификувана од надлежни институции, во соработка со стручните здруженија, поткрепени на медицина базирана на докази и стручни дебати. Со надеж дека нашите забелешки ќе бидат најдобронамерно прифатени, ЛКМ уште еднаш ја нагласуваме желбата за заедничка соработка со здравствените власти.