Собрание на ЛКМ
Распишани избори за органите и телата на комората
Изборите за избор на членови во Општинските одбори и Собранието на Лекарската комора на Македонија ќе се одржат на ден 05.04.2012 година.
Собранието на ЛКМ на седницата го усвои Извештајот за работата на Комората за изминатиов период. “ Годишното Собрание на Лекарската комора на Македонија, едновремено е и последното работно Собрание во овој состав. Оттука и чувствувам потреба, најпрво, да констатирам дека работејќи здружено и колегијално, во текот на изминативе четири години успеавме да се носиме со големи и бројни обврски... Безмалку целосно да ја реализираме исклучителната работна програма и - ова го кажувам без лажна скромност - да придонесеме кон унапредувањето на местото на Лекарската комора и нејзината улога во Република Македонија. На тој пат не не попречија бројните турбуленции и тежненија надворешни и внатрешни, кои се обидуваа да ја потиснат Комората, нејзините активности и исполнувањето на зацртаните цели кои се во интерес на докторите. Но тоа не значи дека сме ја завршиле работата, напротив пред нас е тежок период, голем број на обврски, предизвици низ кои Комората ќе го обезбеди местото што и припаѓа.
За жал еден од основните наши проблеми и натаму останува сегментација на докторското ткиво по разни основи. Тоа е проблем кој ни тежи во изодувањето на патот кон натамошното градење и созревање на свеста за единствени интереси. Се разбира почитувајќи ги и усогласувајќи ги разликите, поединечни и групни. Упатени сме едни на други како доктори и професионалци, како луѓе. Комората сме ние, нејзините органи и тела, Собранието, но да не заборавиме дека Комора е и секој доктор поединечно, докторот со штотуку положен стручен испит, докторот од селската амбуланта, професорот на клиниката, шефот на катедра .... “, истакна претседателот на Комората проф. д-р Владимир Борозанов презентирајќи ги накусо соработката со здравените власти и реализираните активности.
Членовите на Собранието ја избраа Републичката изборна комисија во состав: д-р Јордан Наумов (претседател), д-р Дугадин Османи (секретар), д-р Никола Оровчанец, д-р Седула Усеини, д-р Гордана Петрушевска(членови).
Собранието го усвои и финансискиот извештај за работењето на Комората во 2011 година како финансовиот план за 2012 година.