ЛКМ ги презентира забелешките на Предлог - законот за здравствена заштита
ЗАБЕЛЕШКИ ПО ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА - Јануари 2012
од Лекарска Комора на Македонија
Лекарската КМ ги цени напорите на МЗ за осовременување на здравствената регулатива и смета дека нејзиното адаптирање на современите текови е неопходно. Новиот ЗЗЗ е обемен и е потребна подолготрајна анализа на одредбите, но како Комора која постојано ги следи законските измени во дилема сме дали при изготвувањето на овој законски проект се земни во предвид насоките од Здравствена стратегија за развој на здравството до 2020 како и од Зелената книга на која подолго време работеа стручњаци од различни области, доктори, претставници на невладиниот сектор и правни експерти во Министерството за здравство.
Согласно Законот за јавни службеници јасно произлегува дека јавните службеници се лица кои вршат работи и работни задачи од јавен интерес во согласност со Уставот, закон и ратификувани договори, професионално, политички неутрално и непристрасно. Според тоа здравствените работници како вршители на здравствената дејност како дејност од посебен општествен интерес, не може да имаат статус на јавен службеник, од причина што здравствените работници не вршат јавни овластувања во име на државата, туку истите имаат една и единствена цел заштита на здравјето на граѓаните на Република Македонија и вршење на здравствени услуги според правила и стандарди на професијата. Основна улога на здравствената дејност е давање на здравствена заштита на граѓаните на Република Македонија, а не истата да настапува во име на државата. Оттука и произлегува заклучокот дека здравството суштински не припаѓа по својата природа во рамките на јавните овластувања, односно дека постои суштинско разграничување на јавно - службеничките овластувања, бидејќи здравствените работници не вршат таква функција во потесна смисла на зборот. Од овие причини поистоветувањето на здравствените работници со јавни службеници и последиците што од тоа произлегуваат за нивниот статус е навистина на штета како на граѓаните на Република Македонија, на кои им е неопходно пружањето на здравствена заштита, така и на здравствените работници чија основна задача и цел е давање на здравствени услуги.
Лекарската комора Македонија има воспоставено процес со кој на здравствените работници им се прифаќа стекнатата квалификација, знаење и вештини и тоа претставува основа на која се издаваат лиценците за обавување на професионалната дејност на здравствените работници. КМЕ и континуираниот професионален развој ги задоволува професионални стандарди. На тој начин се придонесува за подобрување на квалитетот на здравствената заштита на пациентите, за заштита на пациентите од докторите кои лошо ја обавуваат својата професија, но и за подобрување на статусот на докторите во општеството и квалитет на нивната работа. Со овој систем на лиценцирање и акредитација се поттикнува професионалниот развој на здравствените работници, се подобри управувањето со хуманите ресурси во здравството и се подигна личната одговорност во исполнувањето на професионалните обврски.
Во предлог Законот за здравствена заштита законодавецот направи дооформување на профилот на Комората и незино правно доизградување. Во предлог Законот со одредбите од единаесеттата глава (коморското здружување, членовите 250-266) се уредува коморското здружување, органите на комората, финансиските средства за работа, јавните овластувања како и условите за доделување и одземање на јавното овластување.
Со предлог Законот на Комората покрај јавните овластувања во делот на лиценцирањето на докторите на медицина, водењето на регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци за работа, дадено и е уште едно јавно овластување, а тоа е стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници. Со спроведувањето на стручниот надзор од страна на комората ќе се обезбеди соодветна стручност и компетентност на здравствените работници во пружањето на здравствените услуги и подобрувањето на квалитетот на здравствената заштита.
Во членовите кои се однесуваат на органите на Комората, наведени се одредби кои ги допрецизираат условите за тоа кој може да биде избран на раководна функција во Комората. Со условите кои се прецизирани се нарушува правото на членовите на Комората самостојно да одлучуваат за организациското живеење на Комората, со обѕир на тоа што структурата на членството во Комората е различна, а сите како членови на Комората имаат исти права и должности во интерес на докторската фела.
Исто така, во одредбите кои се однесуваат на јавните овластувања како и условите за доделување и одземање на јавното овластување, наведено е дека овластувањата на Комората ќе биде дадено со ограничување на 5 години, иако во следните членови таксативно се наведени можностите за одземање на јавното овластување од страна на Министерот за здравство. Тој може во секој момент врз основа на претходна контрола да го одземе даденото овластување.
Во одредбите кои се однесуваат на финансирањето на Коморите јасно треба да се дефинира за тоа кои јавни овластувања Комората ќе добива средства од Буџетот на државата и второ во колкав обем и како во Министерството за здравство ќе ја врши ревизијата и финансиска контрола во Комората.
Во преодните одредби од Законот потребно е да се додаде одредба со која на здравствените работници кои согласно актуелниот Закон за здравствена заштита имаат основна лиценца, истата да биде замени со лиценца за работа.
Комората се залага за воспоставување на пазарни односи во областа на здравството, и за реално вреднување на трудот на докторот и воопшто на здравствените услуги, почитувајќи ги Уставните одредби за социјална држава. Со тоа ќе се овозможи подобрување на квалитетот на здравствените услуги и ќе се создадат претпоставки за подобрување на сегашниот исклучително неповолен материјален статус на докторите кои веке подолго време ги имаат изгубено реалните мотиви за работа со оглед на социјалните плати и условите во кои работат.
Меѓутоа, сите избрзани чекори во оваа област можат да донесат до големи ризици, кои ако се има предвид дека се работи за здравствена дејност можат да прераснат во несакани последици. За да се избегне оваа стапица, потребно е да се направат целосни и сериозни анализи и проверки за функционирање на системот. За почеток треба да се создадат претходни услови кои нема да дозволат субјективност при оценувањето и ќе бидат брана за евентуално нарушување на меѓучовечките односи во јавните здравствени установи.
Втора клучна забелешка е фактот што наградувањето според успешност претставува една иста маса на средства да се дели меѓу вработените. Имајќи предвид дека платите во здравството се навистина мали, евентуално намалување ќе создаде револт и натаму ќе го намали стандардот на докторите. Спроведувањето на проектот би претпоставувало дополнителни средства за оние што ќе бидат успешни, а оние што ја остваруваат претпоставена работа да ја добијат сегашната плата.
Имајќи превид дека, само на овој начин, преку задоволни доктори ќе имаме и задоволни пациенти, целиот проект треба добро да се обмисли, што веруваме е сторено, но треба и да се провери во практиката и дури тогаш да се почне неговата примена.
За да се избегнат можните грешки, и да се постигнат позитивни ефекти со кои би се подобрил и така лошиот материјален статус на докторите од јавното здравство, од сегментот на секундарната и терцијарната здравствена заштита, нивното незадоволство и резигнираност што може да предизвика реперкусии и врз квалитетот на здравствените услуги, ЛКМ укажува на следниве недостатоци во предложениот модел:
Правни
1. Предложеното плаќањето е селективно, се однесува само на докторите (мора да се однесува на сите вработени во здравствениот системот; ова е во спротивност со Уставното начело за еднаквост пред Уставот и законите и Колективниот договор)
2.Плаќањето по успешност е индивидуално (лично) и не смее да има реперкусии врз другите вработени доктори, односно за да се реализира плаќање по успешност потребно е да се обезбедат дополнителни средства за плати
Стручни
1.Предложениот системот за плаќање по успешност ќе предизвика можност да се прават непотребни иследувања, интервенции и процедури на штета на пациентите и ЈЗУ со цел да се обезбеди цела плата.
2.Како според оваа методологија ќе се плаќаат младите доктори кои имаат недоволно искуство во струката? (дали реално ќе бидат во можност да ги исполнат нормите за добивање на плата ?)
3.Предложената методологија ќе предизвика нарушување на меѓучовечките односи
Технички
1.Нема утврдени норми, стандарди, критериуми и мерила согласно ЗРО и Колективниот договор за здравство, акредитациите за нивоата на здравствена заштита се уште не е законски уредена (кои се нормите за специјалист на универзитетски клиники, а кои за клиничките болници и другите нивоа?)
2. Нема доволно средства за реализација на проектот за плаќање по успешност со предложената методологија и се отвора можност за прелевање на средства од еден доктор за сметка на друг доктор имајќи предвид дека буџетите на установите се лимитирани.
Врз основа на посочените недостатоци и непрецизности, произлегува дека зацртаната методологија е:
1.Селективна, со тоа и спротивна на Уставот, законите и Колективниот договор
2.Економски е неиздржана и
3.Дестимулативна
ЛКМ отсекогаш е поборник за вреднување на докторскиот труд и смета дека тоа е најдобриот начин да се стимулира квалитетното работење и да се развие позитивна конкуренција. Во исто време, Комората е противник на секаков вид уравниловка во здравствениот систем и недвојбено ја поддржува идејата да се наградува според завршената работа. Од тие причини, Комората настојува активно да партиципира, да дава сугестии и предлози, за подобрување на концептот за плаќање на докторите. И во оваа прилика уште еднаш укажуваме на нашата подготвеност за соработка и за заедничка средба на која поопширно би ги елаборирале нашите ставови во врска со плаќањето по успешност.
ЛКМ го поддржува Министерството за здравство, реформската определба и неговите напори за јакнење на јавното здравство и таа е подготвена со своите интелектуални и стручни капацитети да помогне во изнаоѓањето на модел и методологија за вреднување на докторскиот труд.
Одредбите во Законот укажуваат на тоа дека првенство при добивањето на концесија, во случај на иста прифатлива најповолна понуда, ќе имаат кандидатите кои се јавиле како закупци на делови од здравствениот дом (приватни здравствени установи основани врз основа на закуп на простор и опрема на делови од јавните здравствени установи ) согласно Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“, бр. 38/91, 46/93, 55/95, 10/04, 84/05, 111/05, 65/06, 5/07, 77/08, 67/09, 88/10, 44/11 и 53/11 )
Наведената одредба е контрадикторна на член 316 став 2, бидејќи во мрежата на здравствени установи влегуваат сите постојни здравствени установи кои имаат склучено договор со Фондот. Од наведеното, одредбите на член 231 став 1 треба да изостанат.