Концептот за наградување според успешност со предложената методологија има многу правни, економски и стручни недостатоци
“Лекарската комора на Македонија, како професионална и стручна асоцијација, во целост ги поддржува реформските заложби на Министерството за здравство кои треба да резултираат со подобрување на системот, подигањето на квалитетот на здравствените услуги, а во тие рамки и подобрување на статусот на лекарите и на здравствните работници при имплементација на проектот за плаќање на лекарите според успешност, односно на системот на наградување според завршената работа. Пред се водејќи се од потребата за поадекватно вреднување на трудот на докторите кој во моментот е максимално потценет и под секое достоинство.
Соочувајќи се со одговорност пред членовите на Лекарската комора на Република Македонија, но и пред целокупната јавност, а врз основа на мандатот што го има, ЛКМ чувствува обврска да предупреди дека Концептот за наградување на докторите според успешност со предложената методологија има многу правни, економски и стручни недостатоци и доколку тие адекватно не се дефинираат ќе резултира со стручни и економски негативни последици”, е оцената на Работната група на Комората, која како официјален допис е доставена и до министерот за здравство, Никола Тодоров.
Ваквиот став на ЛКМ е дефиниран врз основа на анализите и заклучоците на работната група формирана за следење на Концептот за наградување на докторите според успешност, јавните расправи како и сугестии и забелешки на доктори поединци, стручни колегиуми и ОО на ЛКМ.
Со цел да се избегнат можните грешки, и да се постигнат позитивни ефекти со кои би се подобрил и така лошиот материјален статус на докторите од јавното здравство, од сегментот на секундарната и терцијарната здравствена заштита, нивното незадоволство и резигнираност што може да предизвика реперкусии и врз квалитетот на здравствените услуги, ЛКМ укажува на следниве недостатоци во предложениот модел :
Правни
- Предложеното плаќањето е селективно, се однесува само на докторите (мора да се однесува на сите вработени во здравствениот системот; ова е во спротивност со Уставното начело за еднаквост пред Уставот и законите и Колективниот договор)
- Плаќањето по успешност е индивидуално (лично) и не смее да има реперкусии врз другите вработени доктори, односно за да се реализира плаќање по успешност потребно е да се обезбедат дополнителни средства за плати
Стручни
- Предложениот системот за плаќање по успешност ќе предизвика можност да се прават непотребни иследувања, интервенции и процедури на штета на пациентите и ЈЗУ со цел да се обезбеди цела плата.
- Како според оваа методологија ќе се плаќаат младите доктори кои имаат недоволно искуство во струката? (дали реално ќе бидат во можност да ги исполнат нормите за добивање на плата ?)
- Предложената методологија ќе предизвика нарушување на меѓучовечките односи
Технички
- Нема утврдени норми, стандарди, критериуми и мерила согласно ЗРО и Колективниот договор за здравство, акредитациите за нивоата на здравствена заштита се уште не е законски уредена (кои се нормите за специјалист на универзитетски клиники, а кои за клиничките болници и другите нивоа?)
- Нема доволно средства за реализација на проектот за плаќање по успешност со предложената методологија и се отвора можност за прелевање на средства од еден доктор за сметка на друг доктор имајќи предвид дека буџетите на установите се лимитирани.
Врз основа на посочените недостатоци и непрецизности, произлегува дека зацртаната методологија е:
- Селективна, со тоа и спротивна на Уставот, законите и Колективниот договор
- Економски е неиздржана и
- Дестимулативна
ЛКМ отсекогаш е поборник за вреднување на докторскиот труд и смета дека тоа е најдобриот начин да се стимулира квалитетното работење и да се развие позитивна конкуренција. Во исто време, Комората е противник на секаков вид уравниловка во здравствениот систем и недвојбено ја поддржува идејата да се наградува според завршената работа. Од тие причини, Комората настојува активно да партиципира, да дава сугестии и предлози, за подобрување на концептот за плаќање на докторите. И во оваа прилика уште еднаш укажуваме на нашата подготвеност за соработка и за заедничка средба на која поопширно би ги елаборирале нашите ставови во врска со плаќањето по успешност.
ЛКМ го поддржува Министерството за здравство, реформската определба и неговите напори за јакнење на јавното здравство и таа е подготвена со своите интелектуални и стручни капацитети да помогне во изнаоѓањето на модел и методологија за вреднување на докторскиот труд.