Лекарската комора на Македонија од Министерството за здравство побара одложување на стартот на новиот Правилник на Фондот за здравствено осигурување за плаќање на руралните амбуланти со кој се укинуваат посебните услови кои тие ги имаа во работењето со националната здравствена каса. “Врз основа на бројни писмени и усни реакции од страна на матичните лекари упатени до Лекарската комора во врска со стапување во сила на Правилникот за начинот на плаќање на руралните амбуланти за кој ФЗОМ најави дека ќе го применува од 01.11.2011 година, како и објавените реакции во медиуми за затворање на три рурални амбуланти и најава за дополнителни други затворања, Ви се обраќаме со молба привремено да го ставите вон употреба Правилникот на ФЗОМ за плаќање на руралните амбуланти. Одложувањето на неговата примена е особено важна за триесетина амбуланти кои ФЗОМ ги имаше прогласено за рурални по свои критериуми”, е истакнато во официјалниот допис што ЛКМ го испрати до Министерот за здравство на Република Македонија, Никола Тодоров.
Во дописот ЛКМ искажува подготвеност за соработка при што се потенцира: “Ја искажуваме нашата спремност заедно со Вас и ФЗОМ, а поаѓајќи од информацијата на Владата на Република Македонија од 25.04.2008 година за стимулација на амбулантите во руралните средини, да направиме Правилник со кој и во најоддалеченото место ќе се обезбеди примарна здравствена заштита, а лекарските тимови кои работаат во навистина тешки услови, најчесто без јавен превоз, ќе бидат соодветно наградени и стимулирани, со што ќе се поттикнат и други да работаат во такви средини, бидејки од сите јавни служби во овие места останаа уште амбулантите”.
ЛКМ изрази надеж дека овие укажувања ќе наидат на разбирање од страна на Министерот.