ПОВЕЌЕ АКТИВНОСТИ НА КОМОРАТА ВО АПРИЛ
ПОВЕЌЕ АКТИВНОСТИ НА КОМОРАТА ВО АПРИЛ
Засилените активности на ЛКМ, во кои претседателот и дел од членовите на Извршниот одбор битно ги интензивираа комуникациите со членството (преку неколку регионални состаноци, во текот на март), со медицинските здруженија, коморите од областа на здравството и синдикатите од областа на здравството, особено добрата комуникација и лобирање во Комисијата за здравство при Собраните на Република Македонија, но и со здравствените власти во Република Македонија, несомнено придонесоа за актуализирање на суштествените проблеми во здравствената заштита.
Нашиот упорен ангажман придонесе за усвојување на нашите барања со донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, кој стапи во сила на 2 април 2011. Според одредби (членот 32-е), Министерството за здравство ќе формира совет составен од претставници на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора на Македонија.
Во измените и дополнувањата на Законот е регулирано и правото на здравствените работници со високото образование од областа на медицината и стоматологијата, кои студиите ги запишале до донесување на Законот во 2004 година, а стручниот испит ќе го положат најдоцна до 30 јуни 2012 се здобиваат со лиценца за работа. Со истиот член е регулирано и правото на здравствените работници кои со лиценца за работа се стекнале со денот на влегување на сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита од 5 април 2011 година ќе можат да ја обноват најдоцна до 31 март 2012.
Како финале на овие активност на 5 април 2011, претставниците на ЛКМ - претседателот проф. д-р Владимир Борозанов и потпретседателите д-р Стоје Стојмановски и д-р Идриз Орана остварија средба со премиерот Никола Груевски. На средбата присуствуваа и министерот за здравство д-р Бујар Османи, државниот секретар д-р Зоран Стојановски и директорот на ФЗО Маја Паранџиева- Змејкова.
Претставниците на ЛКМ го информираа премиерот Груевски за активностите на ЛКМ и ставовите поврзани со подобрување на законската регулатива (измените и дополнувањата на постојниот Закон, донесување на Законот за здравствена заштита, кој е во подготовка), нагласувајќи три клучни елементи:
- активно вклучување на претставниците на коморите во работење на здравствените власти при донесувањето на Законот за здравствена заштита, со забелешка дека проектот за плаќање по успешност треба да се имплементира внимателно, во текот на соодветен временски период, со прецизни решенија и критериуми и со адекватна финансиска поддршка, за да биде успешен и квалитетен, но и да се одбегнат евентуално несакани последици и по лекарите и по квалитетот на здравствени услуги односно по пациентите.
- преиспитување на статусот на здравствените работници и нивното несоодветно место во Законот за јавни службеници.
- сериозно да доработат на некои решенија со цел да се одбегнат неповолните ефекти со донесување на новиот Закон за здравствена заштита (во делот за концесии, воведувањето на дозволи за здравствените установи и други системски решенија).
Премиерот Никола Груевски истакна дека новиот закон за здравствена заштита сè уште не е во владината процедура, заради што рече дека се воздржува од коментирање. Меѓутоа, во однос на проектот за плаќање по учинок тој ги елаборираше причините за нужноста на неговото воведување: со системот на наградување по успешноста се воведува внатрешна контрола, но и се мотивираат лекарите и здравствениот персонал во јавното здравство за подобрување на квалитетот на здравствените услуги, за да ги задржуваат пациентите. Премиерот нагласи дека за квалитетното воведување на овој систем, кој не би требало да се однесува само на лекарите тука и на медицинските тимови, несомнено ќе треба време, дека тој низ практиката дополнително ќе се усовршува, но дека за ваквите нови организациони решенија во здравството простор нема алтернатива. Крајната цел е подобрување на здравствениот систем и на здравствените услуги во целост.
На крајот од средбата премиерот истакна дека од процедура е повлечен Законот за измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, во делот за плаќање според успешност, бидејќи е проценето дека тој сè уште не е доволно технички прилагоден на условите за негова реализација.